Вирусот влезе во Психијатриската болница во Демир Хисар, заразени 17 пациенти


 

Анета Блажевска

БИТОЛА – Корона вирусот влезе во Психијатриската болница во Демир Хисар каде се заболени 17 пациенти, а една штитеничка почина како потврден позитивен случај. Се претпоставува дека вирусот го пренел некој од вработените, бидејќи болеста е потврдена кај двајца вработени, односно првиот случај е кај медицинска сестра. Во болницата има околу 300 згрижени пациенти и 250 вработени.

„Имаме нов кластер во општината, тоа е Психијатриската болница во Демир Хисар. Најголем дел се пациенти, јас контактирам со директорката на болницата и тие постапуваат според насоките од Министерството за здравство со сите протоколи. Забранети се посети, одење на викенди и веруваме дека за кусо време ситуацијата ќе се стави под контрола“, изјави Марјанче Стојановски, градоначалник на Општина Демир Хисар.

Речиси сите последни потврдени позитивни случаи се од штитеници во Психијатриската болница. Новозаразените од последната недела се на возраст од 51 до 64 години.

Од почетокот на корона кризата во Демир Хисар со Ковид-19 (заклучно со 14 август) се заболени вкупно 53 лица, од нив активно болни се дури 34 лица, или кај 64 проценти од вкупниот број на заболени болеста е во тек. Вкупно оздравеле 18 лица.

Во последниот период од 1 август до денес новозаболени се 21 лице, а оздравени 14. Заболените се на возраст од 38 до 75 година.

Вирусот се уште е присутен и се шири во семејни кластери. Според податок од Центарот за јавно здравје во Битола од 6 август, двете новозаболени лица  во Демир Хисар на возраст од 70 и 75 години, дале податок за контакт со позитивно лице од најблиското семејство.

Инаку кластерот погреб во Мургашево згасна, а се уште има активно болни во селото Журче, каде беа заболени неколку членови на семејството. Во останатите села и во самиот град Демир Хисар вирусот се смирува, оздравеа и вработени во поштата и во други помали кластери во фирми со услужна дејност.

„Добро е што успеавме како локална власт и Кризен штаб да ја подигнеме свеста кај нашите граѓани дека вирусот постои, дека не е срамота човек да се разболи, но срамота и грев е болеста да се крие. Не е во ред да се кријат симптомите и со температура да се оди на работа. Тоа нашите граѓани во најголем дел го увидоа и самите придонесуваат за да не се шири вирусот. Помогнаа и медиумите. Затоа во последниот период бројката на заболени се движи исто колку и бројката на оздравени. Важно е што и кај заболените болеста минува со лесна или средно тешка состојба. Но, немаме заболени со поголеми компликации. Граѓаните сега носат маски и почитуваат дистанца“, вели градоначалникот Стојановски.

Жителите на Демир Хисар бараат да продолжат инспекциските контроли и казни за оние граѓани кои не ги почитуваат мерките и препораките и на било кој начин ги ставаат останатите граѓани во ризик од вирусот. Велат дека надлежните сега се пред нов предизвик да го локализираат ширењето на вирусот во Психијатриската болница.

„Полицијата е постојано на терен, запишуваат во тефтери, иако не знам колку се казнети досега. Можеби одат само на предупредување. Кафеаните работат на минимум, кафетериите малку се пораздвижени со младите, ама сепак граѓаните сфатија дека вирусот е реалност. И онаму каде се шири е во семејстват. Сега е битно да се локализира трансмисијата во Психијатриска болницата и полека да излеземе од ситуација, зошто ако се направат пропусти ќе биде многу лошо, таму има многу вработени“, вели Зоран П. жител на Демир Хисар.