(Видео) Триполи „гори“, запалена општинската зграда


Најмалку 350 луѓе се повредени во судирите со полицијата и демонстрантите во либански Триполи. Војската ја презеде контролата на центарот на градот, а запалена е општинската зграда.

Полицијата и војската успеаја да ги потиснат демонстрантите од центарот на Триполи, во кој веќе четврта ноќ по ред има демонстрации на незадоволни граѓани поради падот на стандардите поради пандемијата од корона вирус, но и од општиот хаос кој владее во Либан, пренесе РТС.

Учесниците на протестот во зградата на општината фрлија молотов коктел и пиротехника, по што целиот објект го зафати голем пожар.

Бејрутски Дејли стар јавува дека запалени се многу документи од зградата, кои летале наоколу, а единиците на цивилна заштита се обиделе да го контролираат пожарот.

Мандатарот за состав на владата на Либан, Саад Харири, настаните во Триполи ги опиша како организиран криминал, обвинувајќи ја војската дека стоела од страна додоека демонстрантите го уништувале градот.

Саад Харири, син на некогашниот премиер Рахик Харири кој е убиен во самоубиствен напад во 2005 година, мандатот за состав на новата влада го доби уште пред три месеци, но досега не успеа да формира кабинет.

Претседателот на општината Триполи, Риад Јамак е на страната на „револуционерите“, но нагласи дека вистински демонстранти не палат згради.

Учесниците на протестот, исто така, го нападнаа и образовниот центар чиј сопственик Наџиб Микати, милијардер од Триполи, своевремено беше и премиер.

Само во четвртокот вечерта, медицинска помош побарале повеќе од 100 лица, додека шестмина се префрлени во болница, соопшти либанскиот Црвен крст.

Новиот бран насилства во Триполи почна само неколку часа откако еден од учесниците на протестите почина по повредите здобиени во судирите со полицијата ден порано.

Омар Јајба, како што наведуваат медиумите во Триполи, погоден е со боева муниција, по што е префрлен во болница, каде починал.

На зградата која ѝ припаѓа на владата фрлена е рачна граната

Од понеделниот, кога почнаа нередите во Tриполи, повредени се повеќе од 350 луѓе. Полицијата соопшти дека во текот на протестите фрлени се три гранати и околу 300 молотови коктели.

Во нападите со гранати ранети се 12 од вкупно 47 повредени полицајци.

Полицијата пукаше во воздух и фрли бројни патрони солзавец, но демонстрантите не се откажаа кога на главниот градски плоштад стигнаа оклопни возила.