(Видео) Руски гувернер ја обвини Украина за напад врз складиште за нафта


 Регионалниот гувернер на рускиот град Белгород, Вјачеслав Гладков тврди дека со украински воени хеликоптери е извршен напад врз складиште за нафта во градот.

Тој на Телеграм објави дека пожарот, што избил утрово, е предизвикан од воздушни напади од два украински хеликоптера.

Според него, две лица се повредени, но, не се во животозагрозувачка состојба.  Гладков додаде дека евакуирани се жителите од околните улици.

Пред два дена, во регионот имаше експлозии во зграда за складирање оружје.

Белгород се наоѓа на околу 30 километри од украинската граница, а на 60 километри од украинскиот град Харков, што пак е бомбардиран од руските трупи уште од почетокот на војната.

Украина не презеде одговорност за ниту една од експлозиите.