Инцидент со хеликоптерот во кој патуваше претседателот на Иран, Раиси. Еве што се случило


По веста објавена од Иранската државна телевизија дека хеликоптерот, со кој патувал претседателот на Иран, Ебрахим Раиси, имал „тврдо слетување“ на терен се упатени 16 спасувачки тимови и беспилотни летала.

Според новинската агенција Мехр операцијата за пребарување и спасување ќе потрае извесно време поради непроодноста на теренот, планинските и шумските услови, како и неповолните временски услови, особено густата магла.

Подоцна истата агенција јави дека иранскиот претседател е добро и го продолжил патувањето по пат откако хеликоптерот принудно слетал поради лошите временски услови.

Иранската државна телевизија, како и државната Иранска новинска агенција (ИРНА) не јавија за состојбата на Раиси по инцидентот. ИРНА на англиски јазик објави дека хеликоптерот се урнал.

Дел од иранските медиуми објавија дека некои од придружниците на претседателот во хеликоптерот успеале да стапат во контакт со централните власти, истакнувајќи оти тоа влева надеж дека нема жртви во инцидентот.

Конвојот на претседателот се состоеше од три хеликоптери. Во другите две летала се превезувале други ирански функционери, меѓу кои и министерот за надворешни работи Хосеин Амирабдолахиан

Раиси патувал во иранската провинција Источен Азербејџан, а инцидентот се случи во близина на градот Џолф, во близина на границата со Азербејџан, на околу 600 километри северозападно од главниот град на Иран, Техеран.

Иранскиот министер за внатрешни работи Ахмед Вахиди потврди за локалните медиуми дека хеликоптерот со претседателот извршил принудно слетување поради лошото време и маглата. Поради временските услови спасувачките служби тешко можат да стигнат до местото каде што слетал хеликоптерот.

„Се е под контрола, спасувачките служби си ја вршат работата“, изјави Вахиди.

„Се надеваме дека се ќе биде готово што е можно поскоро“, рече министерот, додавајќи дека воспоставиле контакт, но сигналот е слаб, па чекаат информации од спасувачите, пренесува Ројтерс.