(Видео) Најголеми демонстрации на Куба во изминатите три децении
Неколку илјади граѓани протестираа против комунистичките власти на Куба во главниот град Хавана и неколку други градови, во најголемите демонстрации на островот во последните скоро 30 години.
Санкциите на САД и пандемијата на коронавирусот придонесоа за недостиг на храна и зголемување на цените, пренесува „Гардијан“.
Собраните повикаа на слобода, демократија и побараа вакцини за борба против пандемијата на коронавирусот.
Демонстрациите, кои се ретки во Куба, се одржуваат во време кога земјата бележи рекорден број на лица заразени со вирусот.
Протестите започнаа во неделата во западниот град Сан Антонио де лос Банос и во источниот град Палма Соријано.
Бидејќи милиони Кубанци сега имаа мобилен интернет на своите телефони, вестите за протестите набрзина стигнаа до Хавана, така што илјадници граѓани наскоро маршираа таму извикувајќи „татковина и живот“ и „слобода“.
Русија денеска најави дека ќе се спротивстави на секое „странско мешање“ во кризата на Куба, каде власта е соочена со историски антивладини протести.
– Оценуваме дека е неприфатливо секое странско мешање во внатрешните работи на суверена држава и секоја друга деструктивна акција што би придонела за дестабилизација на Островот, се наведува во соопшштението на руското Министерство за надворешни работи.
Исто така се истакнува дека Москва е „уверена оти кубанските власти ги преземаат сите неопходни мерки за повторно воспоставување на јавниот ред во интерес на граѓаните на земјата“, како и дека „внимателно го следи развојот на ситуацијата на Куба и во регионот“.
Кубанските власти соопштија дека се подготвени да ја бранат револуцијата „по секоја цена“.
САД ги поддржаа протестите и се спротивставија на употребата на насилство врз мирните демонстранти.