„Велт“: Фон дер Лајен ги распредели првите ресори во новата Еврокомисија


Италијанецот Рафаеле Фито во новата Европската комисија ќе ја добие клучната позиција на потпретседател задолжен за економија, објави денеска германскиот весник „Велт“, повикувајќи се на дипломатски извори во Брисел. 

Според весникот, Фон дер Лајен е подготвена извршната потпретседателска позиција во Еврокомисијата со задолженија за економијата и за закрепнувањето од Ковид пандемијата да му ја довери на Фито, кој доаѓа од редовите на десничарската партија Браќата на Италија (ФДИ) на италијанската премиерка Џорџа Мелони. 

„Велт“ посочува и дека покрај Фито, потпретседателски места во новата ЕК ќе добијат и Летонецот, Валдис Домбровскис, Французинот Тјери Бретон и Шпанката Тереза Рибера. По функција, извршен потпретседател на ЕК е и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, должност која во овој случај би и припаднала на Естонката, Каја Калас.  

Домбровскис, кој доаѓа од редовите либерално-конзервативната партија Единство (В), членка на Европската народна партија (ЕПП), според германскиот весник, би бил задолжен за проширувањето на ЕУ и за обнова на Украина, додека Бретон, кој не е член на ниту една партија, но важи за близок до Ренесансата на францускиот претседател Емануел Макрон и либералната група Да ја обновиме Европа (РЕ), би ги преземал ресорите за индустрија и стратешка автономија. 

Рибера од Шпанската социјалистичка работничка партија (ПСОЕ), која е дел од Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД), би била задолжена за транзиција, ресор кој би вклучувал прашања поврзани со животната средина и дигитализацијата. 

Словакот Марош Шефчович би го задржал ресорот за меѓуинституционални прашања, но повеќе не би бил извршен потпретседател на ЕК, Чехот Јозеф Сикела би го добил ресорот енергија, а Полјакот Пјотр Серафин би се занимавал со буџетски прашања. 

Шефчович е член на партијата Насока – Социјална демократија (Смер-СД), која е суспендирана од членството во СД поради коалицирање со екстремната десница, Сикела е непартиски кандидат, но е близок до партијата Градоначалници и независни (СТАН), која е дел од ЕПП, а Серафин, исто така не е член на ниту една партија, но важи за наклонет кон Граѓанската платформа (ПО)/ЕПП. 

Во меѓу време, вчера Романија ја промени својата номинација и наместо најавениот потпретседател на Европскиот парламент Виктор Негреску, ја предложи европратеничката Роксана Минзату, додека Белгија за членка на ЕК ја номинираше актуелната белгиска шефица на дипломатијата Хаџа Лабиб од либералното Реформско движење (МР)/РЕ. 

Најавувајќи ја номинацијата на Минзату, која е членка на Социјалдемократската партија (ПСД)/СД, романскиот премиер Марсел Чолаку соопшти дека таа веќе имала разговор со Фон дер Лајен и дека Букурешт очекува таа да добие некој од „релевантните“ ресори во ЕК. 

Во меѓу време, Негреску, кој пред две недели беше најавен како кандидат за романски еврокомесар, изјави дека промената била направена откако Фон дер Лајен побарала Романија да предложи жена за членка на Еврокомисијата. 

– Претседателката Урсула фон дер Лајен побара жена кандидат од Романија за да го одржи родовиот паритет во Европската комисија. Ова беше главниот критериум, изјави Негреску по номинацијата на Минзату. 

Со предлагањето на Минзату и Лабиб, потенцијално, новата Европска комисија би можела да има 10 жени од вкупно 27-те члена. 

Заменичката главна портпаролка на Еврокомисијата, Аријана Подеста вчера , без даде повеќе детали, изјави дека Фон дер Лајен останува на својата позиција да обезбеди родов баланс во следниот состав на Колеџот на комесари и за да го оствари тоа таа е во постојан контакт со сите лидери на земјите членки. 

Подеста потврди и дека Европскиот парламент упатил покана до Фон дер Лајен на 11 септември да го презентира предлогот за состав на новиот тим на комесари пред претседателите на пратеничките групи.

Откако, Фон дер Лајен официјално ќе го претстави предложениот состав на новата Еврокомисија, кандидатите за еврокомесари треба да бидат сослушани и поддржани во соодветните ресорни комитети на Европскиот парламент, по што европратениците ќе гласаат за избор на ЕК на пленарно заседание. На крајот Комисијата треба формално да биде одобрена и од Советот на ЕУ. Се очекува целиот процес да заврши до втората половина на октомври.