Уставниот суд во среда повторно ќе одлучува за Законот за банки


Фото: Б. Грданоски

Во среда, на 7 април, Уставниот Суд повторно ќе заседава и одлучува за поднесената иницијатива за разгледување на уставноста и законитоста на Член 163 став 3 од Законот за банки, најавија од Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банка. Штедачите сметаат дека законското решение е на штета на депонентите, физички и правни лица.

„Токму оваа наредна седмица ќе биде онаа историска, којашто со помош на Уставните судии преку донесување на правилна одлука, ќе ја врати довербата во правната држава во овие тешки времиња за сите нас. Покрај светската пандемија и тешката економска криза, банкарскиот систем во државава со своите закони и процедури им пресуди на над 3.000 семејства, граѓани и фирми, кои беа депоненти на сега веќе Еуростандард банка во стечај. Прво, не ги заштити од криминалците кои ја водеа банката преку спроведување на ефективни ревизии и контроли врз банката, па се до контроверзниот Член 163 став 3 од Законот за банки, којшто во стечајната постапка ги доограбува веќе ограбените физички и правни лица, се вели во соопштението до медиумите.