Уште еден црн рекорд во Русија – 883 починати


Официјално има 210.000 смртни случаи од ковид, но достапните податоци сугерираат дека бројката е околу 600.000: болницата „Комунарка“ во Москва

Во понеделникот се пријавени 25.000 нови случаи. Ниската стапка на вакцинација е и поради тоа што Русите не веруваат во вакцините произведени во нивната земја

 

Русија пријави рекорден број смртни случаи од ковид за четири од изминатите шест дена, додека земјата го доживува разорниот четврти бран предизвикан од варијантата Делта и ниска стапка на вакцинација под 30% од возрасната популација.

Во понеделникот беа пријавени 883 смртни случаи и 25.781 нови случаи на корона вирус, со што официјалниот број на жртви се искачи на 210.000. Пресметките засновани на јавно достапни податоци за смртност сугерираат дека бројот на „вишок смртни случаи“ помеѓу почетокот на пандемијата и јули оваа година е речиси 600.000.

Пандемијата стигна и до раководството на Русија. Минатиот месец, Владимир Путин беше принуден да оди во самоизолација откако „неколку десетици луѓе“ во потесниот круг на претседателот беа позитивни.

„Неодамнешните случувања се многу загрижувачки“, рече Василиј Власов, епидемиолог на Високата економска школа во Москва. „Иако многу луѓе веќе беа болни и земјата требаше да има имунитет, смртните случаи повторно се во пораст. „Ова беше очекувано бидејќи практично нема ограничувања и многу слаба стапка на вакцинација“, додаде Власов.

Русија, која беше првата земја што создаде вакцина против корона вирусот, се бореше да го вакцинира своето население. Само 29% од возрасната популација примиле две дози од една од трите руски вакцини што се користат. Вакцините направени во странство не се дистрибуираат.

Официјалните лица изјавија дека огромното мнозинство луѓе во болницата се невакцинирани, а Путин постојано ги повикува Русите да се вакцинираат. Сепак, независните анкети покажуваат дека многу Руси се скептични кон вакцините од руско производство.

Во исто време, тестовите за антитела на корона вирус се популарни во Русија и некои набљудувачи сугерираат дека ова придонесува за нискиот број на вакцини. Западните здравствени експерти велат дека тестовите за антитела се неверодостојни и за дијагностицирање на ковид и за проценка на имунитетот кон него. Антителата што ги бараат овие тестови можат да послужат само како доказ за инфекција од минатото. Научниците велат дека сѐ уште не е јасно кое ниво на антитела покажува дека некое лице има заштита од вирусот и колку долго. (Според агенциите)