Управниот суд го врати предметот за рудникот „Иловица“ на повторно одлучување

За рудникот „Иловица“ повторно ќе се решава, одлучи денес Управниот суд кој на својата веб страна ја објави пресудата за рудникот против чија изградба се противат екологистите.

– Поради покажаниот голем интерес на медиумите, а со цел објективно информирање на јавноста  во врска со поднесената тужба од тужителот Друштво за производство, промет и услуги „Еуромакс Рисоурсес“ ДОО Скопје изјавена против решението на Државната комисија УП.број 0810 – 102 од 5 9 2019 година, Управниот суд ја извесува јавноста дека од страна на судот е донесена пресуда У-6 број 575/2019 од 31.03. 2020 година, се наведува во соопштението од Судот.

Истовремено, како што информираат од Судот, се работи за предмет кој е од итен карактер и треба да се постапува за време на траење на вонредната состојба.

– Со донесената одлука од страна на Управниот суд предметот е вратен на повторо одлучување поради процесни неправилности (постоење на претходно прашање за главната работа), додека за главната работа по предметниот спор постапката е во тек, се наведува во соопштението.

Од Судот велат дека наведената одлука е уредно доставена до странките во управниот спор, полномошникот на тужителот и тужениот орган и истата е објавена на веб страната на Управниот суд, а сето тоа согласно Уредбата со законска сила за роковите во судските постапки за време на вонредната состојба и постапувањето на судовите и јавните обвинителства (Службен весник на РСМ број 84/2020), рокот од 15 дена започнува да тече од денот на престанувањето на вонредната состојба.

Вчера струмичкото здружение „Здрава котлина“ и ДОМ реагираа поради тоа што Управниот суд не ја објавил пресудата за „Иловица“ која била донесена уште на 31 март. Тие наведоа дека поради вонредната состојба сите рокови за жалби се паузирани и дури по укинувањето на вонредната состојба судскиот случај ќе продолжи за конечна разрешница.

Инаку, барањето на „Еуромакс“ беше одбиено од Владата со образложение дека компанијата не ги исполнила законските услови за експлоатација на рудникот.