УНИФИЛ: Израелски тенк намерно гаѓаше и оштети караула на ОН во јужен Либан


Мировните сили на Обединетите нации во Либан (УНИФИЛ) соопштија дека израелски тенк намерно ја нападнал караулата на мисијата во јужен Либан, при што кулата е оштетена, а две камери се уништени.

Во соопштението се наведува дека членовите на УНИФИЛ, распоредени во близина на селото Кфар Кела на југот на Либан, вчера виделе дека израелски тенк ја гаѓа нивната стражарска станица, објави „Тајмс оф Израел“.

„Повторно гледаме намерно директно отворање оган на позицијата УНИФИЛ“, се вели во соопштението.

Израел го повика УНИФИЛ да ги напушти своите позиции во јужен Либан за да може да ги елиминира членовите на либанската милитантна група Хезболах во областа во близина на границата со Израел. Петмина членови на УНИФИЛ беа повредени во три одделни израелски напади во јужен Либан во последните денови.