Унгарија тајно зела кредит од Кина од една милијарда евра во април

Дури сега се дознава дека кредитот бил земен во април. Каматната стапка не се знае, но се знае дека овие милијарда евра мора да бидат вратени до мај 2027


Виктор Орбан и Ши Џинпинг за време на посетата на кинескиот лидер на Будимпешта

 

Унгарската држава тајно позајмила една милијарда евра (393 милијарди форинти) од кинеските банки оваа пролет, известува унгарскиот медиум „Портфолио“ врз основа на ажурираната статистика на Центарот за јавно менаџирање на јавниот долг (АКК), во која постојното кредитно портфолио на буџетот е поделено по трансакции.

Унгарската држава го зела кредитот од кинески банки (Кина развојна банка, Ексим банка и унгарската филијала на Банката на Кина). Единствено се знае дека Унгарија мора да го врати кредитот до април 2027 година.

Каматната стапка, распоредот за отплата и други детали не се познати, освен оправдувањето дека државата го зела кредитот за финансирање на трошоците на централниот буџет во области на висока технологија, изградба на инфраструктура, транспортна инфраструктура и енергија. Она што единствено може да се дознае е дека каматната стапка варира.

Соодносот на долгот во странска валута во рамките на унгарскиот јавен долг се искачи на критично ниво.

Според базата на податоци на АKK, ова е највисокиот износ во рамките на зделките со Кина. Унгарија зеде заем за железничката линија Будимпешта-Белград, тој изнесува 917 милиони долари, тоа е вториот најголем договор за кредит. Будимпешта го зеде од кинеската Ексим банка.

Унгарските медиуми во оваа ситуација го наведуваат и исцрпувањето на ресурсите на ЕУ. Во претходната фаза од преговорите за ресурсите на ЕУ, владата на Виктор Орбан тврдеше дека трансферите на ЕУ може да се заменат со ресурси од Кина. Иако владиниот аргумент главно го вклучуваше приливот на кинески обртни средства како замена за фондовите на ЕУ, можно е и кинеското задолжување во странска валута да служи  за владата да ја пополни дупката предизвикана од блокадата на фондовите на ЕУ. Исто така, не треба да се заборави дека, според одлуката на Европскиот суд, унгарската влада мора во краток рок да ѝ плати на Европската унија казни кои надминуваат 200 милиони евра, кои секојдневно се зголемуваат за 1 милион евра.