Умре шестгодишно девојче во Сирија – врзувано со синџири, затворано во кафез и гладно


Нахла ал-Отман живееше во камп за раселени Сиријци каде што татко и често ја врзувал со синџири – за да ја спречи да талка. Таа беше неухранета и – се угуши до смрт јадејќи пребрзо.

Семејството на Нахла ал-Отман беше протерано од нивниот дом во Сирија пред скоро три години. На нејзината последна фотографија, направена неколку месеци пред да почине, нејзината светло-кафеава коса е измрсена, а лицето и облеката се прекриени со нечистотија. Таа држи ланец во нејзините малечки раце – слика на тешкотиите во нејзиниот премногу краток живот.

Шестгодишната Нахла ал-Отман ги помина своите последни години живеејќи во преполн шатор, со таткото, браќата и сестрите, во сиромашен камп за Сиријците раселени од еднодецениската војна и во голема мера заборавени од светот. За да ја спречи да лута низ кампот нејзиниот татко често ја врзувал со синџири и ја заклучувал во кафез што тој го измислил од нејзиното креветче.

Нејзиниот татко „ја врзуваше за рацете или нозете за да ја спречи да оди надвор од логорот“, рече надзорникот на логорот, Хишам Али Омар. „Го замоливме повеќе од еднаш да ја ослободи, да не ја става во кафез, но тој постојано одбиваше.”

Овој месец, кризите што и го изопачија животот на Нахла завршија со трагедија кога таа се угуши до смрт, откако поради тоа што беше очајно гладна јадеше премногу брзо. По нејзината смрт нејзината фотографија како седи врзана со синџири во кафез брзо се рашири на социјалните мрежи, а бесот на нив  ги поттикна локалните власти да го приведат нејзиниот татко. Случајот повторно  го сврте вниманието на страдањата на милиони деца протерани од своите домови поради војната  кои живеат во кампови раселени во северниот дел на Сирија. Иселени поради  насилството, гладни и без пристап до образование, медицинска нега и санитарни услови, тие се соочуваат со секојдневна борба за преживување.

„Зборуваме за деца кои се родени во шатори, кои стануваат опасни по првиот дожд“, рече Ахмад Бајрам, портпарол на хуманитарната група „Спасете ги децата“. „Зборуваме за деца кои не знаат дали ќе им биде сув креветот кога ќе спијат. Кои заборавија како изглеса нормалниот живот“, рече тој.

Нахла живееше со своето семејство во логорот Фарџалах во северозападна Сирија, кој го држеа бунтовниците. Повеќе од половината од 4,2 милиони луѓе во областа избегаа таму за време на војната, а многу од нив живеат во импровизирани засолништа. Тие немаат заштита од топлина, студ и болести и живеат во страв дека сириската влада и нејзините руски сојузници можат да продолжат со нападите во секое време заради преземање на областа.

Групите за помош велат дека условите во камповите стануваат сè пострашни, особено за децата. Многумина работат за да им помогнат на своите семејства, а стапките на неухранетост растат. Самоубиствата меѓу децата и тинејџерите во северозападна Сирија исто така растат, според „Спасете ги децата“.

„Видовме случаи на деца на возраст од 11 години или помлади кои се откажаа од животот“, рече  Бајрам.

Во кампот Фарџалах во провинцијата Идлиб, во близина на границата со Турција, живеат околу 350 семејства. Супервизорот од логорот рече дека поминале месеци откако било собрано ѓубре или имало доволно вода за луѓето да пијат, да готват и да се капат.

Вујкото на Нахла, Аднан ал-Алуш, изјави дека нејзините родители се разделиле, по што нејзината мајка отишла да живее како бегалец во Турција.Таткото, Исам ал-Отман, ги чуваше децата и тие живееја заедно во тесен шатор. Роднините и другите жители во логорот рекоа дека таткото на Нахла се борел да го прехрани семејството.

Една од постарите сестри, Хеба ал-Отман, изјави дека другите деца ја исмевале Нахла затоа што имала инфекција на кожата и понекогаш и ставале вода знаејќи дека тоа ја плаши.„Тие ја нарекуваа сестра ми „извор  на бактерии“, рече Хеба ал-Отман, која има 22 години. „Татко ми не можеше да се справи со целиот овој притисок“, додаде таа.

Надзорникот на кампот смета дека ужасните услови во камповите ги претвораат во страдање обидите на родителите да се грижат за своите деца.

„Живееја во шатори – без врати, без брави – а девојчето луташе наоколу“, рече тој. „Единственото решение беше да се врзе со  синџири“, оцени тој.

Понекогаш таткото на Нахла ја затворал во креветчето, користејќи метална решетка како капак за да го претвори во кафез. Некои луѓе во логорот се сожалиле на Нахла и и давале храна. Било нашироко познато дека нејзиниот татко ја врзува со синџири, но луѓето не интервенирале – или затоа што биле зафатени со нивните борби, или сочувствувале со неговите проблеми.

„Да се ​​живее во логор не е лесно“, вели надзорникот на кампот. „Луѓето тука се без работа – тие треба да се справат со секојдневните животни предизвици и проблеми. Видов родители како ги испраќаат своите деца да бараат храна во ѓубрето “.

Има, сепак, индиции дека Нахла била малтретирана многу пред да почине.Ахмад Рахал, активист кој ја документира војната во областите под контрола на бунтовниците, го посети логорот Фарџалах пред неколку месеци и сними видео со малото девојче, кое го сподели со „Њујорк Тајмс“. Тој рече дека е паметна, но запоставена.

На видеото Рахал ја прашува за нејзиното име и што бара. Сендвич, вели таа, истегнувајќи ја раката ишарана со рани. Откако таа му рекла дека нејзиниот татко ја претепал, Рахал го пријавил сомневањето за злоупотреба кај локалните власти, но тие не презеле ништо.

На 4 мај, жителите на логорот ја нашле Нахла како се гуши и веднаш ја однеле во болница во блиското село Кили. Махмуд ал-Мустафа, педијатар, изјави дека била крајно гладна и јадела толку бргу што се задушила. Медицинскиот извештај за причините за смртта потврдил дека се задушила и дека била неухранета. Во болницата немале соодветна опрема за да ја спасат.

„Ако болницата беше подобро опремена, ќе можевме да ја спасиме Нахла“, рече тој. „Ако имавме вентилатор или детско одделение, можевме да сториме нешто“.

Локалните власти го притворија таткото на Нахла под сомнение за занемарување, но беше ослободен без обвинение минатата недела. Роднини и жители на кампот инсистираа дека тој сторил се што можел за своето семејство под невозможни околности.По ослободувањето од притвор, таткото рече дека не сторил кривично дело.

„Не можам да верувам дека сум обвинет зошто сум строг татко“, рече тој. „Нахла е невин ангел. Никогаш не би и наштетил на ќерка ми “.

Тој сепак призна дека понекогаш ја врзувал со синџири.

„Да, понекогаш ја врзував – морав“, рече тој, додавајќи дека таа излегувала расоблечена и талкала по кампот и дека соседите се жалеле на неа.

„Се обидов да стигнам до многу организации за медицинска помош, но не можев да најдам никаков третман за неа“, се пожали тој. (Њујорк Тајмс)