Украинската армија уништи девет руски хеликоптери во напад на аеродроми
Според повеќе наводи Украина за нападот ги користела американските ракети од долг дострел ATACMЅ кои тајно биле испратени во земјата
Украинската армија извршила два напади против руската војска далеку зад фронтот. Во вторникот вечерта Украина нападна неколку воени аеродроми на окупираната територија, како што објави украинското министерство за одбрана на X. Еден е северно од градот Бердјанск во областа Запорожје, а се вели дека имало и напади во североисточниот дел на Луганск.
Украинската војска извести за четири напади во кои биле уништени вкупно девет хеликоптери, како и специјална опрема, противвоздушна лансирна рампа и арсенал на руските окупаторски сили. Се наведува дека десетици руски војници се повредени и убиени. Владимир Рогов, член на воената администрација назначен од Москва, ги потврди нападите на Телеграм таа вечер, но го негираше нивниот успех. Руските воени блогери се лути што руската воздушна одбрана ги дозволила нападите. Тие го опишаа нападот како најлош врз руските воздушни бази од почетокот на војната.
Градот Бердјанск во областа Запорожје во јужна Украина е окупиран од Русија од март 2022 година. Фронтот се протега на околу 90 километри северно од градот. Значи, нема многу оружје со кое Украина би можела да изведува такви операции. Украинскиот весник „Киев индипендент“ пишува дека оружјето од Запад го овозможило нападот.
Според рускиот воен телеграмски канал Colonelcassad, како и каналот Сива зона поврзан со „Вагнер“, украинските вооружени сили би можеле да го нападнат аеродромот во Бердјанск со ракети со долг дострел ATACMS, чие снабдување на Украина не беше официјално објавено од американските власти, но навестија таква можност. Дмитриј Рогозин, член на Советот на федерацијата од анектираната област Запорожје, исто така верува дека ATACMS бил користен во Бердјанск.
За употребата на ракетите од долг дострел ATACMЅ пишува и „Волстрит џорнал“. На 17 октомври, украинските вооружени сили за прв пат употребија овие ракети против позициите на руските војници, пишува американскиот весник. Според него, во последните денови мала серија проектили со дострел од околу 160 километри била тајно испратена во Украина.
Украина веќе неколку месеци се обидува да ја развие својата контраофанзива северно од Бердјанск и наидува на жесток отпор од руската армија. Тактиката, исто така, често вклучува воздушни напади длабоко зад непријателските линии.
Во понеделникот веќе имаше извештаи дека руските војници претрпеле тежок пораз во нивната офанзива во близина на источниот украински град Авдиивка. Украинската војска сега вели дека руските напади се намалуваат. Генералштабот известува за 15 руски напади во последните 24 часа. Според Виталиј Барабаш, шеф на воената администрација во регионот, минатата недела имало и до 60 напади дневно. Руските напори за преземање на Авдиивка се намалија, рече Барабаш.
Авдиивка е на фронтот од 2014 година, кога проруските сепаратисти се обидоа целосно да го заземат округот Донецк. Оттогаш, градот е важна тврдина за украинските вооружени сили. Со руската инвазија, нападите се зголемија. Градот сега е во голема мера уништен, но Украина сѐ уште го брани.