Украина: Пронајдовме решение за дроновите „Шахед“

Украина одлучи значително да го зголеми бројот на напади со долг дострел на руска територија, а веќе се подготвува нов договор за десетици илјади дронови наменети за операции за длабински удари, изјави украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров за „Киев пост“ и други новинари за време на вчерашниот затворен состанок.
– Пред околу две недели донесовме одлука за зголемување на обемот на овие операции. Веќе подготвуваме нов голем договор за да го зголемиме интензитетот на нападите, рече Умеров.
Тој додаде дека минатата година е формиран систематски план за операции на долг дострел, при што биле ангажирани десетици илјади беспилотни летала за длабински удар, кои сега редовно ги напаѓаат клучните цели длабоко зад непријателските линии. – Испораките се одвиваат според планот, а борбените мисии се извршуваат секојдневно според одобрениот распоред, истакна Умеров.
Според него, Русија неодамна ги засилила комбинираните напади, користејќи до 500 дронови „Шахед“ истовремено, заедно со балистички и крстосувачки ракети, со цел да ја исцрпи украинската противвоздушна одбрана и да изврши психолошки притисок.
– Нашите одбранбени сили наоѓаат тактички и технолошки решенија, истакна министерот, додавајќи дека алатките што беа ефикасни на почетокот на војната, како мобилните противвоздушни групи, сега ја губат ефикасноста.
Украина воведува нови решенија, вклучително дронови за пресретнување и други средства, чии детали не се откриваат од безбедносни причини. Според Умеров, системот за противмерки против дронови е постојан циклус на иновации, тестирања и подобрувања. „Решението за ‘Шахед’ веќе постои – еден од производите покажа многу висока ефикасност, што не очекувавме ни ние“, рече тој, без да даде повеќе детали.
Украинските производители постигнаа капацитет за производство на над четири милиони дронови годишно, од кои околу 1,5 милиони веќе се испорачани на боиштето. До крајот на годината, украинските вооружени сили се очекува да добијат повеќе од четири милиони дронови.