Украина ќе добие од Светска банка 3,4 милијарди долари за реконструкција и развој
Украина треба да добие дополнителни 3,39 милијарди долари помош од Светска банка, изјави украинската премиерка Јулија Свириденко денеска на Конференцијата за закрепнување на Украина, каде што се сретна со претседателот на Светска банка, Аџај Банга, јави ДПА.
Од оваа сума 2,35 милијарди долари треба да бидат обезбедени како грантови за стабилизирање на Украина и нејзината економија, додека дополнителни 1,04 милијарди долари треба да му бидат позајмени на Киев специјално за економски развој, а гарантирани од Велика Британија и Јапонија.
Не се дадени детали за тоа кога ќе бидат исплатени средствата, наведува германската агенција.
Украина во голема мера зависи од странска помош додека се обидува да се одбрани од целосната руска инвазија, започната во февруари 2022 година.
Домаќини на Конференцијата за закрепнување на Украина се полскиот премиер Доналд Туск и неговата украинска колешка Јулија Свириденко.
На состанокот во полскиот град Гдањк учествуваат ЕУ, Групата на седумте големи индустријализирани демократии (Г7), Светската банка, други институции, како и бројни претставници на компании.