Фронтекс отвора нов команден центар за Шпанија и Португалија


Агенцијата за гранична контрола на ЕУ, Фронтекс, формираше нов команден центар во Лисабон за обезбедување на надворешните граници на Шпанија и Португалија, се наведува во денешното соопштение на агенцијата, пренесено од ДПА.

Со распоредувањето на претставници на ЕУ, координативните и командните функции на Фронтекс ќе бидат „поместени поблиску до една од најважните надворешни граници на Европа“, соопшти Фронтекс.

„Португалија и Шпанија се клучни партнери со нивните морски и копнени граници“, рече директорот на Фронтекс, Ханс Лајтенс.

Фронтекс, исто така, забележа дека и Шпанија и Португалија имаат големи аеродроми со голем број пристигнувања од надвор од ЕУ.

Многу мигранти кои се обидуваат да стигнат до Шпанија го ризикуваат својот живот преминувајќи го Медитеранот од Северна Африка, честопати во несоодветни бродови, потсетува ДПА.

Илјадници се дават или исчезнуваат секоја година, според официјалните податоци, иако е тешко да се дојде до точни бројки.

„Централниот Медитеран е најсмртоносната позната миграциска рута во светот“, наведува Меѓународната организација за миграција поврзана со ОН, која регистрирала десетици илјади смртни случаи и исчезнувања од 2014 година, потсетува ДПА.