Украина и Русија тајно почнаа мировни преговори, Катар е посредник

За почеток на преговорите е поставена целта да запрат меѓусебните напади на енергетската инфраструктура


 

Украина и Русија започнаа прелиминарни разговори со цел да ги запрат нападите врз енергетската инфраструктура, пишува утринава како главна приказна во своето дигиталното издание „Фајненшел тајмс“. Наводно, со помош на Катар како посредник, Украина сака да ги оживее преговорите кои беа блиску до договор пред да бидат прекинати со украинската инвазија на Курск. „Ова се многу рани разговори за започнување на нешто ново“, рече неименуваниот дипломат. „Сега зборуваме за енергетска инфраструктура“, објасни истиот дипломат. Со други зборови, се чини дека двете земји се обидуваат да го запрат понатамошното уништување.

Состојбата во Украина е особено драматична бидејќи е многу помала земја од која уште пред една година имаше информации дека е уништена или оштетена 95 отсто од енергетската инфраструктура. ФТ, очигледно, не сакаше да ги надува информациите, но јасно е дека и двете држави повторно се обидуваат да најдат начин за мир. Првиот извештај е многу внимателен со тоновите:

„Договорот ќе ја означи најзначајната деескалација на војната откако рускиот претседател Владимир Путин нареди целосна инвазија на Украина на почетокот на 2022 година. Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече овој месец дека договорот за заштита на енергетските капацитети може да укаже на подготвеноста на Русија за пошироки мировни преговори. Москва и Киев веќе ја намалија зачестеноста на нападите меѓусебно врз енергетската инфраструктура во последните недели како дел од договорот постигнат меѓу нивните разузнавачки агенции, според висок украински функционер. Како што се приближува зимата, Украина се соочува со сериозни предизвици поради обемните руски ракетни напади кои уништија речиси половина од нејзиниот капацитет за производство на енергија. Нацијата сега е во голема мера зависна од нејзините нуклеарни капацитети и увозот на енергија од европските партнери. И Киев и Москва претходно прифатија дека запирање на нападите врз украинската енергетска мрежа и рускиот капацитет за рафинирање на нафта е нивен заеднички интерес“, пишува „Фајненшел тајмс“.

Ако двете страни навистина веќе се договорија дека треба да се запрат нападите врз украинската енергетска мрежа, како и врз руските нафтени постројки, се добива впечаток дека продолжувањето на војната, во која конфликтот би бил ограничен на некаква ограничена воена игра со висок број на жртви, нема да има многу смисла.

Впечатокот е дека за Русите клучното прашање во преговорите е што да се прави со Курск, а Киев сепак верува дека им требаат ракети со долг дострел за да ги принудат Русите да попуштат:

„Сѐ додека [Украинците] шетаат по земјата во Курск, Путин ќе ја таргетира енергетската инфраструктура на Зеленски“, рече изворот. Украина сè уште планира да продолжи со нападите врз цели, вклучително и нафтени рафинерии, за да изврши притисок врз Русија да се согласи на преговори, според висок украински функционер. Покрај ударните способности на Киев со долг дострел, кои му дозволија да гаѓа енергетски цели и воени објекти во Русија, ‘немаме многу моќ да ги [присилиме Русите] да преговараат’, додаваат тие“, ја опишува ситуацијата во ФТ. .

Вообичаената експлозивна јавна реторика на двете страни, западните медиуми и политичарите, досега ја прикриваа желбата на двете страни да го намалат степенот на штетата и страдањето, а сега преку ФТ дознавме дека во Украина пристигнал нов мировен предлог. :

„Путин минатата недела рече дека Русија е подготвена да ги разгледа ‘секоја варијанта на мировни договори засновани на реалноста на теренот’. Тој претходно побара Украина да ја предаде целосната контрола на четири региони на боиштата кои Москва само делумно ги окупира, како и целосно укинување на западните санкции. Украина смета дека овие услови се неприфатливи за какви било потенцијални мировни преговори. Путин рече дека Турција, која помогна во неуспешните напори за завршување на војната во пролетта 2022 година, неодамна понуди нови мировни предлози кои Украина веднаш ги отфрли. ‘Очигледно сѐ уште не се подготвени. Топката е во нивен терен’, изјави рускиот претседател“, пренесе ФТ.