Ударот од кризата предизвика БДП во првиот квартал да е само 0,2 отсто, оценува „Фајнанс Тинк“


Ударот од кризата предизвикана од ширењето на корона вирусот Ковид-19 врз економијата започна во втората половина од март 2020, што предизвика БДП во целото тримесечие да се зголеми само за 0,2 отсто, наведува „Фајнанс Тинк“ во кварталниот Макроекономски монитор за првиот квартал од 2020 година, во кој наведува дека ја задржува проекцијата за падот на БДП во 2020 на минус 3,8 отсто, како и во вториот квартал од 2020 на минус 12,7 отсто.

– На производната страна, намалувањето од минус 5,1 отсто кај индустријата е рефлексија на затегнатоста во глобалната трговија која постоеше уште пред Ковид-19, како и на влијанието на ограничувањата на движењето врз трговската размена по почетокот на кризата. Намалувањето кај трговијата, транспортот и угостителството од минус 1,3 отсто е последица на индуцираното затворање на претпријатијата (ресторани, кафулиња, шопинг молови) и падот на потрошувачката на неесенцијални добра по почетокот на пандемијата. На расходната страна, ефектот од индуцираната контракција и отежнатото движење е видлив кај падовите на извозот и увозот, минус 5,4 отсто и минус 3,2 отсто, соодветно, како и кај значителното забавување на растот кај инвестициите и потрошувачката.

За невработеноста која во првиот квартал од 2020 се намали на 16,2 отсто од претходните 16,6 отсто од Фајнанс Тинк велат дека ваквото движење може да се должи на две примарни тенденции. Прво, ударот на кризата не беше проследен со моментални отпуштања на работници, што се согледува и преку бројките за регистрираната невработеност од АВРСМ кои забележаа помалку од 2.000 нови невработени (околу 0,25 отсто од вкупните вработени) на крајот на март во однос на крајот од февруари 2020. Второ, поголем дел од Анкетата за работна сила, врз основа на која се пресметува кварталната невработеност, веројатно бил прибран пред почетокот на кризата.

Во извештајот наведува дека двете проекции се под особено изразени негативни ризици, во целост детерминирани од времетраењето на индуцираната контракција и отежнетото движење предизвикани од Ковид-19. Особено, истакнуваат, овие проекции се изградени врз претпоставката за значајно олабавување на рестрикциите кон крајот на мај 2020, што може да не се случи во услови на втор пик од пандемијата во истиот период.