Ученици ќе танцуваат против насилство пред македонското Собрание


Фото: Б. Грданоски

Првата детска амбасада во светот МЕЃАШИ денеска пред македонското Собрание организа изведба на социјален танц театар подготвен од ученици од СУГС „Јосип Броз Тито“ од Скопје и СОУ „Гостивар“ од Гостивар по повод 1 Јуни – Меѓународниот ден на детето. Местото на настанот е избрано поради тоа што е место на носење одлуки, со цел да се упати јасна порака дека заштитата на децата од насилство, нивната безбедност и благосостојба мора да бидат врвен општествен и институционален приоритет.

-Иако учебната година завршува, проблемите со кои се соочуваат децата не завршуваат со последното ѕвонче. Следува нова учебна година, нови генерации и деца кои ќе имаат потреба од безбедна, поддржувачка и ненасилна училишна средина, велат од „Меѓаши“. 

Преку ангажирана уметност, социјален танц театар, нагласуваат од Првата детска амбасада, учениците ќе прикажат една од илјадниците сцени на насилство, отфрленост и осаменост кои секојдневно се случуваат во училиштата, но, најчесто остануваат невидливи за возрасните.

-Токму затоа, тие преку овој настап повикуваат на поголема одговорност, емпатија и конкретна акција во превенцијата и заштитата на децата од сите форми на насилство и исклучување, нагласуваат од „Меѓаши“.