Со манифестацијата „Денови на децата“ започнува „Културно лето на Чаир 2026“
Општина Чаир официјално ќе го отвори новото издание на традиционалната манифестација „Културно лето на Чаир 2026“, едномесечна програма посветена на културата, уметноста, традицијата и промоцијата на општествените вредности.
Отворањето на манифестацијата ќе биде одбележано со тридневната програма „Денови на децата“, која ќе се реализира од 1 до 3 јуни во Старата чаршија, на Плоштадот Скендербег и во дворот на Мурат-пашината џамија.
Програмата започнува на 1 јуни во 17 часот со дефиле на учениците од основните училишта во Чаир во народни носии и со училишни транспаренти, кое ќе се движи од Зегин низ Старата чаршија до Плоштадот Скендербег. Потоа ќе следува богата културно-уметничка програма со учество на основните училишта, културно-уметничките друштва и детските групи.
Во текот на трите денови граѓаните ќе имаат можност да проследат уметнички настапи, песни, ора, рецитации, драматизации и изложби на ликовни творби од учениците, претворајќи го Чаир во простор исполнет со креативност, култура и младински талент.