Убиени стотици мобилизирани Руси во ракетен напад со ХИМАРС во Макиивка (Видео)
Руското Министерство за одбрана соопшти дека загинале 63 лица, но се пребаруваат урантините на училиштето каде биле сместени 600 војници и е целосно уништено
Стотици руски мобилизирани војници можеби загинаа како резултат на ракетен напад на вооружените сили на Украина врз окупираниот град Макиивка во регионот Донецк.
Ударот е зададен на 1 јануари во 00:01 часот по локално време од американскиот ракетен систем ХИМАРС. Проектилите паднаа на стручното училиште бр. 19, каде што беа мобилизираните од Саратовскиот регион, изјави првиот заменик-министер за информации на Донецката Народна Република (ДНР), Данил Безсонов.
Откако почнуваа да стигнуваат вести од различни страни за големи руски загуби, се огласи и руското министерство за одбрана. Тоа се огласи попладнево велејќи дека како резултат на ракетен напад врз привременото сместување на руската војска во Макиивка, регионот Донецк, загинаа 63 војници, соопшти руското Министерство за одбрана.
Според министерството, врз локацијата на војската биле истрелани вкупно шест ракети од американскиот систем ХИМАРС. Две од нив биле соборени, а четири ракети „со силно експлозивна боева глава“ го погодија местото на привремено распоредување.
„Загинаа 63 руски војници. На роднините и пријателите на загинатите војници ќе им биде укажана сета потребна помош и поддршка“, соопшти Министерството за одбрана.
The destroyed building in #Makiivka which housed #Russian servicemen. pic.twitter.com/Ljkq6xsoeE
— NEXTA (@nexta_tv) January 2, 2023
Според каналот на Телеграм „Романов лајт“, командата „целосно ја исполнила со мобилизираните од Саратовскиот регион“ наведената зграда на стручното училиште. Според него, станува збор за десетици загинати. Тој појаснува и дека во зградата имало „детонација на муниција“. „Оттука и таквото уништување“, објасни „Романов лајт“.
Безсонов претходно изјави дека причина за ударот во зградата била високата „активност од мобилни телефени“, пишува Тасс, повикувајќи се на извор во органите на прогонот на самопрогласената ДНР.
„Прелиминарно, причина за ударот на ХИМАРС беше активното користење на мобилни телефони од страна на пристигнатиот воен персонал. Непријателот, користејќи го извидувачкиот комплекс ECHELON, ја откри активноста на мобилните комуникации и локацијата на претплатниците“, рече изворот.
„Целата комуникација е пронајдена, особено акумулацијата на претплатници на едно место. Веројатно е подобро кога овие претплатници се дисперзирани низ областа отколку на едно место“, истакна Безсонов претходно. Според него, украинските сили го преземаат правецот на мобилните комуникации и „работат на тоа“.
Во исто време, претходните претставници на републиката ја потврдија информацијата за ударот, но соопштија дека само 15 лица се повредени. Според Вооружените сили на Украина, Русите мобилизирани од Саратовската област биле сместени во зградата на стручното училиште. Околу 400 луѓе би можеле да загинат, а 300 да бидат повредени, истакна украинската страна.
Според телеграмскиот канал „Рибар“, во зградата имало вкупно 600 луѓе. Потврдена е смртта на околу 70 лица, но анализата на урнатините продолжува. Ранети, според оперативните извештаи, има 110 лица. „Проценетите неповратни загуби достигнуваат 110 луѓе“, пишуваат авторите на каналот.
Според мобилизираните, одговорноста е на командантот на полкот, полковник Роман Еникеев. „Ние делумно не се согласуваме со нив: единствената грешка на полковникот е што тој слепо ги следеше упатствата на своите претпоставени и не можеше да ја пресели единицата што му беше доверена во согласност со реалноста на фронтот“, пишува „Рибар“ и вината ја става на командата на првиот армиски корпус на народната полиција на ДНР.