Турската главна опозициска партија бара поништување на сите изборни резултати
Главната турска опозициска Републиканска народна партија денеска побара од Врховната изборна комисија да ги поништи сите изборни резултати во 39 истанбулски дистрикти, како и од последните претседателски и парламентарни избори.
Опозициската партија го поднесе ова барање откако беше поништена нејзината победа на изборите за градоначалник на Истанбул и беше закажано ново гласање.
Врховната изборна комисија оваа седмица одлучи во корист на владејачката Партија за правда и развој на претседателот Реџеп Тајип Ердоган и за 23 јуни закажа нови избори во Истанбул. На гласањето што се одржа на 31 март со тесно мнозинство победи опозицискиот кандидат Екрем Имамоглу.
Комисијата својата одлука ја заснова на фактот дека некои од луѓето кои ги надгледувале изборите за градоначалници не биле државни службеници, како што налага законот.
Како одговор на оваа одлука, главната опозициска Републиканска народна партија (ЦХП) поднесе барање за поништување на изборите во Истанбул, како и на резултатите од минатогодишните општи избори, наведувајќи како аргумент дека и на тие избори надзор вршеле луѓе кои не биле државни службеници.