Туристка во Фиренца оштетила античка фонтана на Нептун. Штетата изнесува 5.000 евра


Туристка е обвинета за оштетување на историската фонтана на Нептун во Фиренца откако се качила на мермерна статуа за да ги допре гениталиите на римскиот бог како дел од „предсвадбена шега“. Експертите проценуваат дека штетата е неколку илјади евра, објавува The Guardian.

Познатата фонтана на Пјаца дела Сињорија била нарачана во 1559 година од Козимо I де Медичи за да ја прослави венчавката на неговиот син Франческо I со Големата војвотка Јованка од Австрија. Делото на скулпторот Бартоломео Аманати го прикажува Нептун како вози кочија во облик на школка влечена од морски коњи.

Полицијата ја забележала 28-годишната туристка, чија националност не е откриена, и брзо ја симнала од споменикот. Според соопштението од градот Фиренца, жената им рекла на полицајците дека нејзините пријатели ја предизвикале да ги допре гениталиите на Нептун.

Ретко летото поминува без слични инциденти
Градските власти го прегледаа споменикот и утврдија дека шегата предизвикала „мала, но значителна штета и на нозете на коњот, по кои таа одела, и на фризот, за кој се држела за да избегне лизгање“. Градските власти ја проценија цената на поправките на 5.000 евра. Полицијата ја обвини жената за уништување и оштетување на уметничкото и архитектонското наследство.

Ова не е прв пат турист да се обиде да се искачи на Фонтаната на Нептун. Надзорните камери беа инсталирани во 2005 година, откако еден посетител ја скрши раката на статуата и ја оштети кочијата. Во 2023 година, еден германски турист предизвика значителна штета обидувајќи се да се искачи на споменикот за да направи селфи.

Истото лето, еден млад пар се обиде да се искачи на реплика на Давид од Микеланџело на Пјацале Микеланџело. И покрај построгите контроли околу фирентинските знаменитости, ретките лета поминуваат без слични инциденти. Според Џорџо Касели, раководител на градската канцеларија за ликовни уметности, станува сè попопуларно посетителите да се искачуваат на спомениците за „предизвикот“.

„Посетителите честопати не покажуваат почит“
Во 2024 година, еден тинејџер се криел во катедралата Санта Марија дел Фиоре ноќе, а потоа се искачил на нејзината купола за да направи селфи. Облечен во црна дуксерка со качулка, фармерки и патики, тој се снимал себеси како се качува по внатрешните скали на локацијата на светското наследство, потоа излегол на мала отворена платформа, се фотографирал и ја објавил сликата на Инстаграм.

Касели рекол дека посетителите честопати не покажуваат почит. „Барањето физички контакт со споменик е целосно во спротивност со објективната, емоционална и интелектуална свест што ја очекуваме и охрабруваме кон нашето монументално наследство.

„Можеби затоа што не живеат во градот, тие го гледаат тоа повеќе како игра“

Не смееме да се предадеме на незнаењето и површноста што ги карактеризираат ваквите постапки“, рече тој. „Нашата цел мора да биде да ја разбудиме и зајакнеме граѓанската свест кај оние што го посетуваат градот, што подразбира не само почит кон другите, туку и кон спомениците“, додаде тој.

Фиренца е еден од најпосетуваните и најнаселените градови во Европа, привлекувајќи околу 16 милиони туристи годишно. „Фирентинците се заштитнички настроени кон своето наследство и ги гледаат таквите посетители со недоверба“, заклучи Касели. „Можеби затоа што не живеат во градот, тие го гледаат тоа повеќе како игра“, рече тој.