Три земји ќе бидат отстранети од „црната листа“ на даночни раеви


Министрите за финансии на ЕУ се очекува следната недела да ги отстранат Сејшелите, Доминика и Ангила од „црната листа“ на даночни раеви, според документите до кои Ројтерс имал пристап, додека барањето на Панама да биде отстрането од листата не вроди со плод.

Даночните експерти од ЕУ препорачаа да се отстранат карипскиот остров Доминика, британската карипска територија Ангила и Сејшелите од „црната листа“, главно затоа што се обврзаа дека ќе спроведат дополнителен преглед на нивните даночни системи со Глобалниот форум за транспарентност и размена на даночни информации, меѓународно тело за избегнување данок, покажуваат документите.

Трите јурисдикции се очекува да бидат преместени на европската „сива листа“, која вклучува земји кои покажаа посветеност на даночните реформи, се вели во еден документ.

Оваа листа е воспоставена во 2017 година за борба против распространето даночно затајување и периодично се ажурира за да се отстранат или додадат јурисдикции во зависност од нивните даночни реформи.