Трамп и Меј едногласни: САД и Британија го имаат најдобриот сојуз на светот
Британската премиерка Тереза Меј и американскиот претседател Доналд Трамп, на заедничката прес-конференција по нивната денешна средба, изјавија дека двете земји имаат одлични односи кои треба да се надградуваат.
Трамп истакна дека САД и Велика Британија го имаат „најдобриот сојуз што светот некогаш го видел“.
Британската премиерка информира дека двајцата разговарале за новите предизвици за безбедноста, вредностите и начинот на живот. – Ние го делиме истиот став за нивното потекло и нашите цели се нивно исполнување, рече Меј.
Таа додаде дека понекогаш, како и премиерите и претседателите пред нив, и без сомнение, оние кои подоцна ќе се појават, може и тие да се разликуваат во однос на тоа како се соочуваат со тешкотиите.
Претседателот Трамп рече дека тој и неговата сопруга Меланија се почестени што повторно се во Лондон, притоа заблагодарувајќи се на британската кралица Елизабета за синоќешната „прекрасна вечер“.
Трамп рече дека американско-британските односи се втемелени на заедничка историја, вредности, обичаи, култура, јазик и закони.
– Нашите народи веруваат во слободата и независноста како свето право на раѓање, рече Трамп.
Тој притоа истакна дека Велика Британија е клучен партнер во НАТО.
– Согласни сме дека нашите сојузници во НАТО мора да ги зголемат финансиите за одбраната, двајцата напорно работевме на тоа … Очекуваме дека се поголем број земји ќе го исполнат минимумот од два проценти од БДП. За да одговорат на денешните предизвици, сите членови мора да ги исполнат своите обврски. Тие немаат друг избор, рече Трамп.
Зборувајќи за Брегзит американскиот претседател истакна дека тој ќе се случи и дека треба да се случи.
– Ова е прекрасна, прекрасна земја и го сака својот идентитет, сака да има свои граници, сака да ги води своите работи. Ова е многу, многу посебно место, рече Трамп.
На прашањето кој треба да ја наследи Тереза Меј, тој одговори дека поранешниот шеф на британската дипломатија Борис Џонсон и сегашниот министер за надворешни работи Џереми Хант се најсилни кандидати за иден премиер.
– Со оглед на тоа што Велика Британија се подготвува да ја напушти Европската унија, САД се посветени на феноменален трговски договор меѓу САД и Обединетото Кралство, рече Трамп, додавајќи дека постои огромен потенцијал во тој трговски договор, најверојатно два, дури трипати повеќе од она што во моментов тие работат.
Американскиот претседател рече дека САД и Вританија треба да поработат и на разликите во врска со кинескиот „Хуавеј“, отфрлајќи каква било сугестија дека несогласувањата може да ја загрозат размената на разузнавачките податоци меѓу тие два блиски сојузници.
На прашањето дали ќе наметне какви било ограничувања за размена на разузнавачки податоци доколку Велика Британија не ја ограничи употребата на технологијата од „Хуавеј“, Трамп одговори: „Не, бидејќи ќе имаме апсолутен договор за Хуавеј и за се останато“.
Трамп посочи дека на улиците во Лондон имало илјадници луѓе кои му скандирале, а потоа слушнал информации дека имало протести.
– Реков, каде се протестите? Не гледам никакви протести, видов само мал протест кога дојдов, многу мал, така што тоа се лажни вести, рече Трамп.