Трамп ги информираше Зеленски и лидерите на НАТО за состанокот во Алјаска


Американскиот претседател Доналд Трамп ги информираше украинскиот претседател Володимир Зеленски и лидерите на НАТО за неговиот самит со рускиот претседател Владимир Путин, објавија светските агенции.

Белата куќа соопшти дека разговорот со Зеленски бил долг, по што следел и телефонски разговор со лидерите на НАТО, но не даде детали за разговорите.

Трамп и Путин ја завршија средбата во Алјаска без да дадат никакви изјави за евентуален прекин на огнот во војната во Украина, а во врска со ова не беа објавени никакви конкретни резултати.

Трамп зборуваше за договорите постигнати со Путин за важни прашања, но не даде детали. Путин, исто така, спомена договори за кои верува дека би можеле да бидат почетна точка за решавање на конфликтот во Украина.

Трамп, кој веќе се врати од Алјаска во Вашингтон, по средбата со Путин изјави дека сака да се консултира со Европејците и Зеленски. „На крајот на краиштата, одлуката е нивна“, додаде тој.

Пред самитот Путин-Трамп, европските лидери во средата побараа заедничка линија на дејствување со Трамп во врска со Русија.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц јасно стави до знаење на заедничката прес-конференција со Зеленски: „Во Алјаска мора да бидат заштитени фундаменталните европски и украински безбедносни интереси“.

Покрај Мерц, Зеленски и Трамп, на видеоконференцијата во среда присуствуваа и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, како и францускиот претседател Емануел Макрон, британскиот премиер Кир Стармер и италијанската премиерка Џорџа Мелони, потсетува ДПА.