Трамп е во потрага по замена за министерот за одбрана Пит Хегсет


 

Белата куќа е во потрага по замена за министерот за одбрана Пит Хегсет, изјави американски официјален претставник за Националното јавно радио (НПР) во понеделникот.

Во неделата, „Њујорк тајмс“ откри дека Хегсет и испратил порака на сопругата и братот детали за воениот напад врз Јемен минатиот месец. Официјален претставник за НПР изјави дека Хегсет ги споделил доверливите информации на Сигнал користејќи го неговиот личен телефон.

Прес секретарот на Белата куќа, Каролин Левит, го оспори известувањето на НПР, критикувајќи го како „ЛАЖНИ ВЕСТИ врз основа на еден анонимен извор кој очигледно нема поим за што зборува“.

„Како што рече претседателот утрово, тој силно стои зад [Хегсет]“, додаде таа.

Извештајот доаѓа веднаш по редот на други скандали кои го зафатија Хегсет, вклучувајќи го и заминувањето на четворица високи советници, од кои некои ги напуштија своите улоги како дел од истрагата за протекување во медиумите. Тој, исто така, беше централна фигура во првичното протекување на групниот разговор на Сигнал – во кое високи претставници на администрацијата разговараа за деталите од истиот напад во Јемен на разговорот на Сигнал, во кој ненамерно беше вклучен и новинарот на списанието „Атлантик“ Џефри Голдберг.

Хегсет (44) беше едно од најконтроверзните назначувања во кабинетот на претседателот Доналд Трамп поради недостатокот на искуство во Пентагон, позицијата за жените кои служат во војската и наводната историја на алкохолизам. Сенатот тесно го потврди на 24 јануари, откако потпретседателот Џеј Ди Венс гласаше за одобрување при резултат 50-50.

Како и првиот пат кога Хегсет беше вмешан во скандал со протекување информации, Белата куќа застана зад министерот за одбрана во понеделникот – барем јавно. Трамп рече дека извештаите за наводните текстови на Хегсет до неговата сопруга и брат биле „лажни вести“ и „губење време“.

„Пит прави одлична работа“, им рече Трамп на група новинари. „Сите се задоволни со него. Мислам дека ги имаме најдобрите бројки за вработување во последните 28 години… Тоа се само лажни вести“.

Сепак, некои републиканци почнаа да се вртат против Хегсет.

Конгресменот Дон Бејкон, републиканец од Небраска во Комитетот за вооружени служби на Претставничкиот дом, во понеделникот изјави за „Политико“ дека Трамп треба да го отпушти Хегсет.

„Имав загриженост од самиот почеток бидејќи Пит Хегсет немаше големо искуство“, рече тој. „Ми се допаѓа на Фокс њуз. Но, дали има искуство да води една од најголемите организации во светот? Тоа е загриженост“.

Бејкон рече дека другите пратеници на Републиканската партија приватно изразиле слична загриженост. Тој рече дека ако последните извештаи се точни, секретарот за одбрана треба да поднесе оставка.

„Јас не сум во Белата куќа и нема да ѝ кажам на Белата куќа како да се справи со ова“, рече Бејкон, „но сметам дека е неприфатливо и не би го толерирал ако јас сум на чело“.

Тој додаде за хаосот во Пентагон: „Има многу, многу чад што излегува од Пентагон, и јас верувам дека таму некаде има оган“.