Трамп: Добар сум и со Си и со Путин, му се заканив на Путин, Си знае дека сум „луд“


Доналд Трамп изјави дека Кина нема да се осмели да го испровоцира ако се врати во Белата куќа, бидејќи претседателот Си Џинпинг знае дека републиканскиот кандидат е „луд“.

Во изјава за Волстрит журнал, Трамп рече дека доколку биде избран следниот месец, ќе воведе царини за Кина доколку се обиде да го блокира Тајван.

„Би рекол: Ако влезете во Тајван, жал ми е што морам да го направам ова, но ќе ве оданочам од 150% до 200%“, рече тој.

На предизборните митинзи, републиканскиот кандидат тврди дека непријателите на Америка нема да дејствуваат против американските интереси под негово претседателство бидејќи би се плашеле од силен, дури и непредвидлив одговор.

Тој изјави за Журнал дека нема да мора да користи воена сила за да спречи блокада на Тајван бидејќи претседателот Си го почитува и знае дека е „луд“.

„Имав многу добри односи со него“, рече Трамп за кинескиот претседател Си. „Тој всушност беше добар, не сакам да кажам пријател – не сакам да звучам глупаво, „тој ми беше пријател“ – но многу добро се согласувавме. Тој е многу остар човек“, додаде Трамп.

Поранешниот претседател позитивно се изјасни и за односот со рускиот претседател Владимир Путин, велејќи: „Одлично се сложувавме“.

Но, Трамп – кој претходно беше критикуван дека го пофалил рускиот лидер – рече дека му се заканил да не ја нападне Украина.

Тој рече дека му рекол на Путин: „Ќе те удрам токму среде твојата крвава Москва“. Реков: „Ние сме пријатели, не сакам да го правам тоа, но нема да имам избор“. Тој одговори: „Нема шанси“. И реков: „Има шанса“.

Со своите ветувања дека ќе води трговски војни и ќе стави крај на учеството на САД во војната меѓу Русија и Украина, Трамп ја означи својата надворешна политика како „Америка на прво место“, иако противниците велат дека е изолационистичка, јавува Би-Би-Си.