Трагедија во Израел: Најмалку 44 лица загинаа во стампедо на верски фестивал, меѓу нив и деца


Најмалку 44 лица загинаа, а над 100 се повредени, од кои многумина се во критична состојба во петокот во човечко стампедо на религиозен фестивал на ултраортодоксни Евреи во северен Израел, јавија израелските медицински служби, а премиерот Бенјамин Нетанјаху ја нарече несреќата голема катастрофа.

Трагедијата се случила кога групи ултраортодоксни Евреи во голем број поминале низ гробница на мудрец од вториот век, рабинот Шимсон Бар Јочаи, за време на комеморациите кои вклучувале бдеење, мистични песни и танцување.

Очевидци велат дека луѓето се задушиле или биле прегазени во тесни премини.

Претставници на брзата помош го опишаа инцидентот како „стампедо“ и рекоа дека 103 лица се повредени, од кои многу се со смртни повреди.

Локалниот Канал 12 објави дека има 40 загинати, а очевидци додаваат дека меѓу нив има и деца. Весникот „Харец“ информира дека има најмалку 44 загинати и оти 38 лица се во критична состојба.

Гробницата Маунт Мерон се смета за едно од најсветите места во еврејскиот свет и секоја година го посетуваат многу верници. 

Израелската армија била вклучена во спасувачките операции, прри што со хеликоптери ги превезувале повредените во болници.

Собирот беше поделен на машки и женски сектори, а очевидци велат дека катастрофата се случила кај машкиот дел. Религиозниот собир беше организиран и покрај противењето на здравствените власти, загрижени за ризикот од ширење на инфекцијата со КОВИД.

Полицијата по несреќата нареди евакуација на аџиите и го забрани пристапот до местото. Портпарол на полицијата рече дека капацитетот на локацијата во подножјето на планината Мерон е ист како и претходните години, но овој пат местата наменети за акели биле оградени поради епидемиолошки мерки, па тоа можеби создало пречки во пристапите на пешаците.

Еден од учесниците на собирот за Канал 12 рече: „Мислевме дека можеби е издадено предупредување за бомба или за сомнителен пакет. Никој не можеше да претпостави дека ова може да се случи тука. Прославата се претвори во жалост, а големата светлина се претвори во длабока темнина”.

Палењето огнови на планината Мерон беше забрането минатата година поради епидемиолошки ограничувања, но мерките за затворање беа олеснети годинава поради успешната израелска програма за вакцинација против КОВИД-19 во која повеќе од 54 отсто од населението е целосно вакцинирано.