„Тоа се глупости“, вели Османи за веста дека бил понуден за жртва во ДУИ


 

Глупости, шпекулација и лажна вест – вака ги оцени министерот за надворешни работи, Бујар Османи, наводите дека тој бил понуден како жртва да се смири „огнената група“ во ДУИ, која е незадоволна од работата на министрите на партијата.

„ДУИ е партија со голема внатрешна демократија, но на крајот сепак, последниот збор го има лидерот Али Ахмети. А тој вчера го кажа своето“, рече Османи на денешниот брифинг со новинарите.

„Тоа се глупости, кои не заслужуваат коментар“, рече Османи.

Тој повтори многу од познатата реторика на партијата – дека Ахмети и ДУИ се фактор на политичка стабилност веќе 20 години и гарант на евроатлантскиот курс на државата. Османи вели дека поради тоа има обиди за напади и дезинформации во јавноста. „ДУИ е стабилна политичка структура, во која имало бројни осцилации кои ги има надминато заради  стабилноста на партијата и на државата“, нагласи Османи. 

Според него, со изјавата на Ахмети завршувале сите дебати во ДУИ, по што секој од членовите продолжуваат со своите ангажмани. „Јас не би можел да додадам ништо повеќе“, рече Османи.

Во групата на незадоолниците, пред сѐ од однесувањето на Артан Груби како организациски секретар, се поранешниот втор човек во партијата Муса Џафери (кој беше вицепремиер), Изет Меџити (поранешен градоначалник на Чаиор и сегашен пратеник) градоначалниците на Сарај и Чари, Блерим Беџети и Висар Ганиу, и други функционери и партиски членови.