„Ти си Скопје, ние сме од Скопје“ : Последно збогум за Мирко Попов


Вчера, по кратко боледување, на скопските гробишта „Бутел“ во Скопје беше погребан прерано починатиот музичар, композитор, текстописец, издавач, диџеј и продуцент Мирко Попов (1972, Скопје).
Вчера, последно збогум на ФБ му упати Ивана Тасев, негова другарка и пи-ар консултант, кое го објавуваме во целост, со нејзина дозвола: 
 
„Мики, другар мој… наш.
 
Сакам да знаеш дека денеска те испративме достоинствено, без патетики, ти тоа не го сакаше. Дојде кремот на Скопје, оној крем од 80ти, 90ти и убави деца од новиот милениум. Само да можеше да ги видиш Мики, колку градски, продуховени, умни луѓе, стотици и стотици, дојдоа да ти оддадат почит. Река од луѓе. Да можеше да ги видиш твоите грации, челични дами, твојот столб и жена од карпа, Вики. Колку само ќе беше горд на нив. Твоите најверни другари, скршени од болка, а сепак, никогаш поубави. Сани најде лалиња, ти изградија замок од лалиња, Мики. Пишуваше „До небото замок – ПМГ Колектив“. И Горан, Мики, пораснал во стамен маж, јунак од брат. Се срозав Даре кога зборуваше, наш Даре на класна Радмила, во еден момент, срцето му излезе на уста. Отсекогаш се восхитував на вашето другарство.   
 
И нели другар некни ти реков: „Дај бе да направиме една сабота од 17 до 21 матине диско, сите ќе дојдат, ќе видиш, ко у старите добри времиња, пошо нели, јас сум лигле, ко од драмите на Чехов, „со носталгија се сеќавам на минатото, ја презирам сегашноста и се плашам од иднината“, увек ми се смееше на ова и ми викаше: „И сега е добро пиле, не смееме да се предаваме, прекини да кукаш“.
Ама ја пак по свое: „Абе Мики, ко некад у Метропол, МНТ, Менада, Силекс… и оние кои се капнати од работа, и оние со мали деца, сите ќе дојдеме, неаме снага да чекаме диско после полноќ“. И ти ми рече: „Иванчице, одлична идеја и тоа ќе правиме. Сите да се собереме, ко некад“.
Епа, Мики и тоа ти успеа, ги мобилизира сите, ги измкна и од работа и од дома, сите до еден. Ама не се разбравме другар, нејќев вака, сакав ти горе на пулт, а ние доле, ко у 90-ти, коа ми умираа ногите после сааати денсање и ти викав, „Утни бе барем една музика, душа да земам“. А ти пошо кне, ко за инат, една по друга, најбољите ритмови. 
 
Како напиша некни Вишко – „Ти си Скопје, ние сме од Скопје“, право, па у ребра. И Срле е во право, коа пиша дека „Не сме се уште свесни колкава е загубата, не само за тоа што го остави како дело, туку и како идеја“, а и Вангел, хируршки прецизен: „Живееше во перспективна Македонија, не онаа која се заглавува и мумифицира во своето минато. Кај нас повеќето луѓе живеат во минатото и се фокусираат само на лошото. Мирко не! Тврдоглаво одбиваше да живее во таква Македонија. Наместо тоа, ја градеше својата модерна Македонија и влечеше многу луѓе да му се придружат во неа. Тоа е и ќе продолжи да биде Македонија во која и јас сакам да живеам. Ми се чини дека не смееме премногу да жалиме. Тоа немаше да му се свиѓа. Подобро ќе е да продолжиме (ние што работиме слично како него) по зацртаниот пат. Би ни се налутил доколку тоа не го сториме“.
И денеска бевме сите на иста линија, под силен адреналин, толку многу љубов лебдеше во воздухот Мики, таква сплотеност, со поглед се разбравме, сите растени на ист асфалт, исто воспитувани и сите едногласно дојдовме до она н.з.с. што Вангел погоре го напиша. Да не кренеме раце од она модерно наобразувано Скопје, кои сите го сакаме, да засукаме ракави, да го продолжиме твојот лик и дело и како што постојано ми викаше: „Мораме да работиме, мораме да им дадеме шанса на надоаѓачките генерации, има многу добри деца, да ги испливаме на површина, да ги задржиме да останат тука, да сфатат колку убав град е нашето Скопје“
 
Ти уствари си како светски познатите Музеи на современата уметност, чија цел е постојано да пецкаат и провоцираат преку поставките, секогаш пред своето време, а како последица на тоа и помалку разбрани од сегашноста. Треба да помине временска дистанца за да сфатиме колку ни остави во аманет Мирко. 
Искрено се надевам дека нема да издишеме и постепено да ретерираме од оваа твоја идеја.
Во нашиот последен разговор те прашав: „Свесен ли си колку генерации луѓе музички успеа да воспиташ? Ми рече срамежливо: „Прекини да ме фалиш“, а само бев реална.
 
Во моментов ми се чини како да е штама во Скопје, Мики. Празен град. Многу ќе ми недостасуваш, и нашите искрени разговори, меѓусебна почит и меѓусебна грижа за нашите семејства, твојот луциден хумор, твојата љубов и посветеност кон твоите деца, здрав разум и тврда реалност. 
 
Засекогаш твоја, 
другарка од кучкар маало, школска од нашето најубаво „Браќа Рибар“, твој ПР советник и над се, твој најголем фан.
п.с. Двајцата ја сакаме оваа фотка, од прво окинување ти ја напраив, некако верувавме дека точно те отсликува“