Телото на папата Франциско мораше да помине низ посебен процес за да трае до погребот

Ватикан откри како е подготвено телото на папата Франциско по неговата смрт. Телото на 88-годишниот папа три дена ќе биде изложено во базиликата.
Телото на папата Франциско е привремено балсамирано и уредено да ги издржи топлите временски услови во Рим пред да биде изложено во базиликата „Свети Петар“, каде верниците ќе имаат можност да му оддадат почит, изјавија експерти за агенцијата Франс прес.
Телото на 88-годишниот поглавар на Католичката црква, кој почина во понеделникот на Велигден, ќе биде изложено во базиликата три дена, од среда до погребот во сабота.
Десетици илјади луѓе се очекува да чекаат во редици за да го поздрават Франциско и, како и со претходните папи, преземени се чекори за да се спречи неговото тело да се распаѓа во тие денови.
„Телото на Франциско беше подложено на процес на привремено балсамирање познат како танатопраксија“, рече Андреа Фантоци, основач на италијанскиот Национален институт за танатопраксија (ИНИТ).
„Тоа вклучува вбризгување презервативни течности преку системот на крвните садови и естетска нега на лицето и рацете“, изјави тој за агенцијата Франс прес.
„Целта е да се забави процесот на природно распаѓање“.
„Таквата хемиска течна процедура мора да се изврши во рок од 36 часа по смртта. Неговото влијание – помирен и поприроден изглед на покојникот – обично трае до 10 дена“, продолжи Фантоци.
Во вторникот Ватикан ги објави првите фотографии на папата во отворен ковчег, облечен во црвена наметка, со митра на главата и бројаница во раката.
Фотографиите се направени во понеделникот вечерта за време на мисата во капелата во Куќата на Света Марта, резиденцијата во Ватикан каде Франциско живеел 12 години за време на неговото папство.
Фантоци одби да потврди дали го балсамирал папата, наведувајќи ја приватноста на процесот и протоколите на Ватикан.
INIT на своите страници го споменува папата Јован Павле Втори и оперскиот великан Лучијано Павароти како познати личности кои поминале низ рацете на неговите експерти.
Италијанските медиуми пишуваат дека Фантоци го надгледувал балсамирањето на претходникот на Франциско, Бенедикт Шеснаесетти, кој почина во 2022 година, речиси една деценија по повлекувањето.