Тектонска промена во Унгарија. Орбан го призна тешкиот пораз и му честиташе на Маѓар

Триумфот на Петер Маѓар е монументален. Со пребројани 66 отсто од гласовите партијата Тиса има двотретинско мнозинство од 137 места


Петер Маѓар, триумфалниот победник на изборите во Унгарија

 

Неизвесноста во Унгарија по денешните парламентарни избори заврши. Виктор Орбан кој 16 години владееше со земјата како премиер ги загуби изборите. И тоа е неверојатно голем пораз. Унгарските медиуми штотуку ја објавија веста дека Орбан му се јавил на лидерот на опозицската партија Тиса, Петер Маѓар, да му честита на победата. Оваа информација ја објави Маѓар на својот Фејсбук профил.

Како што теше броењето на гласовите речиси е сигурно дека Тиса на Маѓар ќе има двотретинско мнозинство во парламентот за промена на уставот. За двотретинско мнозинство се потребни 133 пратеници, а според информациите од државната изборна комисија Тиса на Маѓар по пребројаните 66 отсто од гласовите има 137 места, Фидес на Орбан 56, а седум се за националистичката партија Наша татковина. Другите две партии кои се натпреваруваа на изборите се околу еден процент, многу далеку од изборниот преаг од 5 отсто.

Виктор Орбан одржа говор малку порано од планираното.

„Резултатот од изборите сè уште не е целосен, но е разбирлив и јасен. Резултатот од изборите е болен за нас, но е јасен: не ни беше дадена можност да владееме“, рече Виктор Орбан во неделата во Будимпешта. „И честитав победничката партија“, истакна лидерот на Фидес.

Според премиерот, 2,5 милиони луѓе гласале за Фидес. Тој им се заблагодари посебно на активистите и на оние од другата страна на границата.

„Не знаеме што значат денешните изборни резултати за судбината на нашата земја и нација (…), времето ќе одлучи. Но, без разлика како ќе испадне, ние, како опозиција, ќе ѝ служиме на нашата земја и на унгарската нација“, рече тој.

Од сите страни на Европа стигнуваат честитки за Петер Маѓар и неговата победа. Меѓу првите се јави францускиот претседател Емануел Макрон. Тој ја поздрави победата на демократијата и „приврзаноста на унгарскиот народ кон вредностите на Европската унија и за местото на Унгарија во Европа“.

„Заедно да напредуваме во посуверена Европа, за безбедноста на нашиот континент, нашата конкурентност и нашата демократија“, вели тој.

„Срцето на Европа чука посилно во Унгарија вечерва“, рече во својата реакција претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

А потоа додаде:

„Унгарија ја избра Европа. Европа отсекогаш ја избирала Унгарија. Заедно, ние сме посилни. Една земја го враќа својот европски пат. Унијата станува посилна“.

Доаѓаат уште честитки за Тиса на Петер Маѓар, вклучително и од германскиот канцелар Фридрих Мерц, ирскиот премиер Михол Мартин и хрватскиот Андреј Пленковиќ.

Мерц вели дека со нетрпение очекува да соработува со Маѓар бидејќи се надева дека ќе „ги здружи силите за силна, безбедна и, пред сè, обединета Европа“.

Пленковиќ порача дека разговарал телефонски со Петер Маѓар. Тој вели дека се радува на натамошно јакнење на соработката меѓу Хрватска и Унгарија. И дека ќе ја продолжат соработката меѓу ХДЗ и Тиса како сестрински партии во рамките на ЕПП.

Директорот на институтот „21 век“, Габор Фодор, изјави дека победата на Тиса е поголема од очекувањата на анкетарите. „Земјата е во основа сина“, рече тој.  Фодор рече дека има изненадувања дури и на местата каде што се очекуваше Фидес да победи. Според него, не е нужно прашање дека претставниците на Фидес лошо ја вршат работата, туку дека станува збор за психолошка ситуација во која мнозинството гласачи сакаа промени. Како резултат на тоа, дури и проверените, политички искусни кандидати губат од неискусните кандидати на Тиса.