Таравари доби тужба од заменик министерот за одбрана


Според Таравари, гласањето со отпечаток на прст автоматски ќе им донесел 15 до 20 илјади гласови помалку на ДУИ, зашто тие досега биле злоупотребувани (Фото: Б. Грданоски)

Заменик министерот за одбрана и претседател на огранокот на ДУИ за Гостивар, Башким Хасани, поднесе тужба за навреда и клевета против градоначалникот на Општина Гостивар, Арбен Таравари.Хасани  бара отштета од 250 илјади денари за навреда изнесена во пост на социјалната мрежа Фејсбук.

Според Хасани, Таравари му ги нарушил угледот честа со коментарот „Политичката мафија во Гостивар пред неколку дена беше фатена со 100 килограми марихуана, имаат ли овие луѓе кредибилитет да зборуваат за училиштата” и објава на фотографија на која тој е со еден од осомничените за шверц на 100 килограми марихуана .

– Сакам да ја поздравам акцијата на МВР и повикувам виновниците да се казнат откако ќе се утврди нивната вина. Можам да ја разберам неговата политичка спротивставеност и делување, но личното напаѓање, не. Во ваквиот став не му веруваат ниту најблиските соработници. Со ваквата постапка Таравари покажа дека неговото ментално здравје е нарушено и треба да побара медицинска помош од неговите колеги. Не можам на друг начин да ја толкувам оваа постапка и обвинување, рече Хасани.

Градоначалникот Таравари за тужбата и обвинувањата за МИА рече дека не чувствува никаква вина за изнесеното и дека ќе очекува случајот да излезе до крај на виделина.

– Очекував да одат во суд да бараат правда за настаните во кои се вмешани нивни сопартијци. Не се плашам од тужбата и ќе продолжам да делувам во интерес на граѓаните и правдата. Впрочем тие се сликаат со осомничени, не јас, рече Таравари.