Танги: Заедничката европска иднина не треба да биде ограничена со проширувањетод :


 Лилиана Танги, заменик претседателка на Комисијата за европски прашања во Националното Собрание на Франција смета дека  постои едногласност дека иднината на Западен Балкан е во Европската Унија. Според неа, градењето на оваа заедничка иднина не треба да чека, ниту да биде ограничено со проширувањето.

– Мораме да ги развиваме и продлабочуваме нашите односи преку економски, општествени, политички и културни соработки. Тие мора да ги вклучат сите јавни и приватни актери, како и претставниците на граѓанското општество. Тоа е идеален начин за воспоставување долгорочни и конструктивни односи засновани на доверба, додава Танги.

– Сето тоа се европски вредности и актуелни предизвици што ги зема предвид новата методологија за проширување. Овој нов метод, првично предложен од претседателот Емануел Макрон, има за цел да обезбеди поверодостоен, предвидлив и покохерентен процес на проширување. На овие вредности и предизвици ќе им се посвети и претстојното француско претседателство со Советот на Европската унија, почнувајќи од јануари 2022 година. Претстојат големи реформи и големи проекти за цела Европа, во кои Југоисточна Европа има улога да игра. Затоа, градењето на заедничка европска иднина се заснова на консултации со јавноста, на политичко вклучување и на конкретна акција, додава Танги.  За таа цел, следната недела во Скопје ќе се организира проект за меѓупарламентарна соработка меѓу францускиот, австрискиот и македонскиот парламент.