Тачи: Далеку сме од Рамковниот во владата


Албанците не добиваат, а Македонците не губат. Вака лидерот на ДПА, Мендух Тачи, го коментира последниот развој на настаните со влезот на Алтернатива во владината коалиција, во изјава за Утрински брифинг.

„Кога се прават договори, секој си го толкува договорот како што сака. Мене ми е важно да се знае дека Албанците не добиваат, а Македонците не губат позиции. Некои велат дека Алтернатива зеле многу места, но тоа не е точно. Далеку сме од оној процент што е договорен со Охридскиот договор. Сега имаме стабилна Влада и стабилни институции“, вели Тачи за Утрински брифинг.

Тој вели дека во моментов албанската опозиција се наоѓа во многу лоша ситуација.

„Таравари и неговата партија сега имаат три години да се консолидираат оти им остана само Левица. Сега ќе се отвораат поглавја, а за тоа е важно да има стабилна влада. Очекувам Алијанса полека да исчезнува од политичката сцена, а очекувам дека ДПА ќе се враќа, оти јас бев шеесеттиот пратеник пред еден месец“, вели Тачи.

Сепак, Тачи во моментов е далеку од некакво влијание на политичката сцена. Единствениот градоначалник кој неговата партија го освои на последните локални избори премина во редовите на Алијанса за Албанците, а бројот на гласови кои ги освои неговата партија се далеку од нивото кое при самостоен настап на избори би му обезбедило некакво влијание во Собранието.