Светска банка ни предвидува пад од 4,1 отсто, но и зголемување на сиромаштијата


Фото: Б. Грданоски

Македонската економија годинава ќе забележи пад од 4,1 отсто, додека наредната 2021 година ќе се врати на патеките на раст од 3,6 и во 2022 година од 3,5 отсто, прогнозира Светска банка во најновото издание на „Економски извештај за Европа и Централна Азија“ под наслов „КОВИД-19 и човечкиот капитал“, што беше објавен денеска.

„Пандемијата силно ја погоди економијата: затворањето, нарушените синџири на снабдување и продолжената неповолна епидемиолошка состојба дополнително ги намали веќе затемнетите изгледи. Програмите за поддршка на владата донекаде влијаеа врз работниците и фирмите, но фискалниот простор се стесни поради нивото на долг кое се приближи  на 60 проценти од БДП. Скорешните изгледи се позитивни со зголемување надолните ризици“, се вели во извештајот, во делот посветен на Северна Македонија.

Притоа се нагласува дека иако економските и социјалните мерки за санирање на кризата ќе бидат приоритетни, неопходни се фискални, конкурентни, еколошки и реформи во управувањето за закрепнување и за пристапување кон ЕУ.

„Економијата се соочува со рецесија од 4,1 проценти во 2020 година што е најголем пад од 2001 година. Контракцијата на побарувачката и нарушувањата кај синџирите на снабдување предизвикани од продолжената пандемија и мерките за ограничување беа полоши од предвидувањата“, констатира Светската банка.

Притоа, се додава дека и покрај шемите за поддршка од Владата, невработеноста е во пораст, додека приватните инвестиции се сериозно погодени бидејќи инвеститорите се борат со загубите на страна на побарувачката и со недостиг на ликвидност. Услугите и натаму се под влијание на забраните за патување.

„Во отсуство на одговор на владата, комбинираниот ефект на пониските приходи на трудот и на дознаките ќе ја зголемат сиромаштијата до нивоата пред 2015 година на приближно 23 проценти во 2020 година и многу од оние што запаѓаат во сиромаштија пред пандемијата не беа корисници на какви било програми за социјална заштита. Програмите за поддршка воведени од Владата најверојатно ќе го ублажи влијанието на сиромаштијата поради кризата“, се вели во извештајот.

Светска банка очекува на среден рок растот да се врати, во зависност од губење на силата на епидемијата.

„Политичката  стабилност по парламентарните избори и започнувањето преговорите за пристапување со ЕУ треба да ги зајакне реформите и довербата на инвеститорите, така што кога кризата ќе заврши, растот ќе се забрза“, се вели во извештајот.

Во ова сценарио на постепено закрепнување, растот во 2021 година се очекува да достигне 3,6 проценти, а зголемената потрошувачка и довербата на инвеститорите ќе ја поттикнат личната потрошувачка, приватните инвестиции и извозот.

Од Светска банка нагласуваат дека на среден рок неопходно е повторно поставување на јавните финансии на одржлива патека, како и повторното ставање приоритет на трошењата за подолгорочно закрепнување и зајакнување на приходите преку кратење за исклучоците.

На структурната страна, со ублажување на влијанието на краткорочната криза критично ќе биде решавањето на нискиот и опаѓачки човечки капитал, слабата политика на конкуренција и судството, намалувањето на продуктивноста и зголемувањето на миграцијата, се вели во извештајот „КОВИД-19 и човечкиот капитал“ на Светска банка, во делот посветен на Македонија. (М.Ј.)