Светoт жали за папата Франциско: Од седумдневна жалост, до спуштени знамиња


Папата Франциско пред празниот плоштад во Ватикан за време на корона вирусот

Земјите ширум светот почнаа да се подготвуваат да му оддадат почит на поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциско, кој утрово почина на 88 години, пренесува Би-би-си.

Во Аргентина, родната земја на папата, прогласена е седумдневна национална жалост. Во Бразил е прогласена седумдневна жалост, како што рече претседателот Игнасио Лула да Силва, во знак на почит кон делото на папата.Источен Тимор, земја во Југоисточна Азија, исто така, прогласи седумдневна жалост.

Во Австрија во 17 часот по локално време биеја ѕвона, а на црквите и црковните згради ќе бидат поставени црни знамиња. Во катедралата Свети Стефан во Виена од 18 часот се одржува миса за папата.

Во Велика Британија, британското знаме ќе биде спуштено на половина копје во кралските резиденции, како и во британската амбасада во Ватикан.

Во Шпанија е прогласена тридневна жалост. Во Франција денеска камбаните на катедралата Нотр Дам во Париз заѕвонија 88 пати, на возраст од папата. Вечерва светлата на Ајфеловата кула ќе бидат исклучени.

Американскиот претседател Доналд Трамп нареди знамињата да се спуштат на половина копје, нарекувајќи го папата „добар човек“.

„Почивај во мир, папа Франциско! Господ да го благослови него и сите кои го сакаа“, напиша Трамп на социјалната мрежа Икс.

„Ве молиме прифатете го моето најискрено сочувство за смртта на неговата Светост папата Франциско“, рече Путин во пораката до кардиналот Кевин Џозеф Ферел.

„Во текот на годините на неговиот понтификат, тој активно промовираше дијалог меѓу Руската православна и Римокатоличката црква, како и конструктивна соработка меѓу Русија и Светиот Престол“.