Светот го одбележува Денот на жената, но злоупотребите и нееднаквоста не се намалуваат
Според генералниот секретар на ОН, Гутереш, ќе бидат потребни најмалку 300 години да се постигне родова еднаквост со сегашните политики
Стотици илјади луѓе треба да учествуваат на демонстрации, митинзи и шарени настани ширум светот во среда за да го одбележат Меѓународниот ден на жената, датумот востановен за да ги слави жените и да бара еднаквост за половина од населението на планетата.
Иако има голем напредок во десетици земји, ситуацијата во места како Авганистан и Иран и постојаните злосторства и прекршувања во речиси секоја држава во светот се студен потсетник дека има уште долг пат пред нас.
Во понеделникот, генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, истакна дека правата на жените се „злоупотребени, загрозени и прекршени“ ширум светот и дека родовата еднаквост нема да се постигне 300 години со сегашните политики. Тој рече дека напредокот постигнат со децении исчезнува бидејќи „патријархатот возвраќа“.
Денот се одбележува на различен начин и степени во различни земји.
Во Шпанија се очекува повеќе од 1 милион луѓе да излезат на улиците на бурните вечерни демонстрации во Мадрид, Барселона и во секој шпански град. Големи собири се очекуваат и во многу други градови низ светот, додека во некои земји се одржуваат само помали настани.
Жените се собраа во средата на митинзи во поголемите пакистански градови, вклучително и главниот град Исламабад, во услови на силни безбедносни мерки. Организаторите рекоа дека ќе бидат мирни и дека маршовите имаат за цел само да ги бараат правата загарантирани со уставот.
Некои конзервативни групи минатата година се заканија дека со сила ќе ги прекинат маршевите симар. Но, оваа година пакистанските власти ја зајакнаа безбедноста за да ги заштитат учесниците на маршот. Пакистан е конзервативна земја каде жените често не се чувствуваат безбедно на јавни места поради отворено вознемирување.
Во соседен Авганистан, од преземањето на талибанците во 2021 година, земјата стана најрепресивната во светот за жените и девојчињата, објавија Обединетите нации во средата.
Во соопштението објавено во средата, мисијата на ОН рече дека новите владетели на Авганистан покажале речиси „единствен фокус на наметнување правила што ги оставаат повеќето жени и девојки ефективно заробени во нивните домови“.
Тие го забранија образованието на девојчињата по шесто одделение и им забранија на жените да влезат на јавни места како што се паркови и спортски сали. На жените исто така им е забрането да работат во национални и меѓународни невладини организации и им е наредено да се покриваат од глава до пети.
Роза Отунбаева, специјален претставник на генералниот секретар на ОН и шеф на мисијата во Авганистан, рече дека „вознемирувачки е да се видат нивните методички, намерни и систематски напори да ги истиснат авганистанските жени и девојки од јавната сфера“.

Во други региони, постигнат е голем напредок за жените во областите на еднаквост, правата за репродукција, законите за да се обидат да го елиминираат родовото и сексуалното насилство и чекорите кон еднакви плати, родова еднаквост и заедничките домашни обврски.
Шпанија во вторникот усвои нов Закон за паритет со кој се бара жените – и мажите – да сочинуваат најмалку 40 отсто од одборите на директори на котирани компании и приватни компании со повеќе од 250 работници и 50 милиони евра во бизнисот. Истото ќе важи и за Кабинетот на Шпанија.
Законот, исто така, предлага да се обврзат политичките партии да имаат еднаквост во нивните изборни листи, со наизменични имиња на мажи и жени.
Левичарските влади ги ставија правата на жените во авангарда во изминатите две децении со далекусежни закони за абортус, менструално отсуство и подобрено породилно и татковско отсуство, меѓу другото.
Но, во вторникот, исто така, актуелната шпанска левичарска коалиција – со 14 жени и девет мажи во нејзиниот кабинет – се соочи со најтешкиот тест во последните три години на власт, при што двете владејачки партии се расправаат околу реформата на нивниот сопствен пионерски закон за сексуално насилство што ненамерно доведе до намалување на казните за над 700 престапници и предизвика национален бес.
Додека многу земји постигнаа сличен напредок, особено во Европа, други како Соединетите Американски Држави, кои го прекинаа уставното право на абортус минатата година, забележаа враќање на ограничувањата во многу држави, што е голем чекор наназад, според многу жени. (АП)