Судскиот совет избра тројца врховни судии


Фото: Б. Богдановска

Членовите на Судскиот совет на денешната седница ги избраа Зоран Димитриевски и Татјана Дуковска за кривични судии на Врховниот суд. Димитиревски и Дуковска се судии од Апелацискиот суд – Скопје. На седницата беше избрана и Маја Маркова за граѓански судија на Врховниот суд.

Не се изврши избор на кандидатите Јетмир Ајдини Бошњаков, Наташа Савовска Димитровска од Апелационен суд Скопје и на Рафиз Идризи од Апелационен суд Гостивар.

Како што информираше претседателот Александар Камбовски, Судскиот совет објави оглас во Службен весник за избор на 6 судии на Врховниот суд, и тоа 3 судии за граѓанска област и 3 судии за кривична област. По спроведената постапка комисијата при Советот поднела извештај со конечна ранг-листа на кандидатите.

Известителот и претседателот на комисијата, Павлина Црвенковска, рече дека листата кандидати за судии во кривичната област е составена од двајца кандидати Зоран Димитриевски и Татјана Дуковска, судии на Апелационен суд Скопје.

Членот Весна Дамева побара изземање при изборот на кривичните судии во Врховниот суд, од причина што двајцата кандидати, Зоран Димитриевски и Татјана Дуковска учествувале во предмет против правно лице, кое се јавува во својство на оштетено лие, а каде нејзиниот сопруг е одговорно лице.

Во врска со останатите кандидати за избор на судии, Маја Маркова, Јетмир Ајдини Бошњаков, Наташа Савовска Димитровска и Рафиз Идризи, Весна Дамева побара да се поништи огласот и итно да се распише нов оглас.

– Заради одредени околности кои што постојат, сметам дека денес не постојат услови за избор на граѓански судии. Дали во ваква ситуација денес може да се спроведе реален и објективен избор? Станува збор за унапредување на судии во највисокиот суд во државата. Јас нема да го дадам мојот глас во овој момент и во овие околности за ниту еден кандидат, бидејќи лично сметам, доколку се спроведе изборот, истиот нема да биде објективен – рече Дамева.