Судот во Москва го осуди Навални на две години и осум месеци затвор


(Фото: АП)

Судот во Москва денеска ја преиначи условната казна на Алексеј Навални во затвор од 3 години и 6 месеци затвор, но бидејќи тој помина 10 месеци во куќен притвор, неговата ефективна казна е две години и осум месеци. 

Според пресудата 44-годишниот опозиционер е осуден за избегнување на условната слобода откако во август беше отруен со нервниот агенс „новичок“. Два дена по труењето, тој беше префрлен на лекување во Германија, во коматозна состојба.

Но, руските власти сметаат дека неговото непријавување во периодот додека бил на лекување претставува повреда на условната казна.

„Судот донесе одлука за задоволување на предлогот на Сојузната казнено-поправна служба“, рече судијката Наталија Репникова за време на објавувањето на одлуката.

Откако судијката ја прочита пресудата Навални и неговата сопруга Јулија се загледаа преку судницата. Таа ја симна маската, се насмевна, мавташе, а потоа крена раменици. „Немој да бидеш тажен! Сѐ ќе биде добро!“ и рече тој. Таа одби да коментира додека излегуваше од судницата гледајќи право напред.

Неколку минути пред тоа тој нацрта срце на стаклото околу кафезот како порака до неа.

Надвор од судската зграда, таа застана покрај двајцата адвокати на Навални, Олга Михаилова и Владимир Кобзев. Тие рекоа дека планираат да поднесат жалба до Европскиот суд за човекови права. „Видовте што се случи таму“, рече Михаилова. „Беше ужас, како и секогаш“.

Тимот на Навални повика на итен протест на плоштадот Манеж во Москва покрај Кремљ. Од 21.30 часот стотици полицајци за немири започнаа притворање на приврзаниците на Навални.