Судијата Ристов сам ги заѕидал парите, му нашле ДНК и отпечатоци
Апелацискиот судија Ѓоко Ристов ги заѕидал сам нАјдените 350 илјади евра во домот на неговите родители во Неготино, а во вештачењето билe најдени негови отпечатоци, негова ДНК на алуминиумската фолија со којашто беа завиткани парите. На нив беа обележани рачно испишани износи, скриени во шуплините на циглите.
Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција минатата недела поднесе обвинение против судијата Ристов, но не го товари за земање поткуп, бидејќи не е докажано дали и за кои предмети зел мито, иако стигале такви информации до Обвинителството. Но обвинителката Искра Хаџи – Василева е убедена дека ќе ги докаже кривичните дела за кои го гони Ристов – „противправно стекнување и прикривање имот“ и „перење пари“.
-Перењето пари е прикривањето на извор, сопственик и локација и движење, ние имаме пари пронајдени скриени за кои имаме и тоа како основано сомневање дека се незаконити средства противправно стекнати, а имаме непобитен доказ дека криењето го врши Ѓоко Ристов – рече обвинителката.
И додека поранешниот народен правобранител Фехми Стафа призна вина, дека му барал на контроверзниот бизнисмен Љупчо Пецов – Ѓаволот 100 илјади евра, му зел 50 илјади евра со ветување дека ќе му издејствува поблага мерка, Ѓоко Ристов е во куќен притвор, Ѓаволот е на слобода.