Студија покажа дека модифицирана вакцина против жолта треска може да делува против корона


Најнова студија покажа дека генетски модифицираната вакцина против жолта треска е исклучително ефикасна против корона вирус кај животните, пренесе „Медикал њус тудеј“..

Студијата е објавена во највлијателното научно списание „Природа“ („Nature“).

Доколку поминат клиничките испитувања, вакцината може да има предности во однос на новоразвиените вакцини против корона вирус.

Професорот Јохан Нејт од Институтот Рега на Кралскиот Универзитет Левен во Белгија вели дека резултатите од ова истражувањето имаат важни логистички импликации, особено за земјите со помалку развиени здравствени системи. Покрај тоа, се наведува дека оваа вакцина може да создаде долгорочен имунитет против Ковид-19.

Студијата, објавена во списанието „Природа“ („Nature“), сугерира дека еднократно вбризгување на вакцината заштитило хрчаци, глувци и мајмуни од корона. Тим научници сега се подготвуваат да спроведат клинички испитувања на новата вакцина, условно наречена РегаВакс. Само клиничките испитувања можат да откријат дали вакцината е безбедна за луѓето.

Научниците се многу оптимисти дека вакцината ќе обезбеди брз и силен имунитет по само една доза. Прелиминарните податоци сугерираат дека новата вакцина би била безбедна дури и за луѓето подложни на Ковид-19.

Вакцината за немодифицирана жолта треска се користи веќе 80 години, таа е безбедна и носи ослабен вид на вирус на жолта треска.

Друга важна предност е тоа што вакцината може да се чува на 2-8 степени. Вакцината развиена од Фајзер и Бионтек бара посилна логистика бидејќи се чува на -70 степени што го отежнува вакцинирањето на бројно население, особено на луѓето во оддалечените тропски и суптропски области.