Студентите од Филмската академија во Охрид реагираат поради нерешениот статус


Студентите од Филмската академија ИФФА во Охрид со допис до медиумите реагираат на сè уште нерешениот статус. Прашуваат зошто Министерството за образование и наука не ја завршило својата обврска и ги остава и натаму во неизвесност и зошто министерот не ги спровел препораките од комисијата за идното функционирање на оваа високообразовна институција.

-Од она што ние го имаме како информација, комисијата ја заврши својата работа уште пред два месеца. Била утврдена фактичката состојба, сите пропусти во работата на академијата, биле подготвени насоки за трансформација на академијата и префрлање на институтот под капата на ФДУ Скопје, но како интернационален оддел, кој ќе продолжи со успешната програма и начин на работа, со цел да се задржат високите стандарди кои ги воспостави ИФФА во само три години постоење. Но откако извештајот бил испратен до кабинетот на министерот за образование и наука, застанува и целиот процес, наведуваат студентите во дописот.
Нагласуваат дека имале надеж откако дел од професорите од ИФФА прифатиле и покрај, како што велат, дотогашната индолентност на министерството, да учествуваат во соломонските решенија за проектот ИФФА да продолжи да опстојува, првата генерација студенти да ги добијат своите дипломи, а останатите студенти да ги довршат студиите под истите услови.