Струјата поскапува за 7,4 отсто


Цената на електричната енергија што ја плаќаат домаќинствата на регулираниот пазар се зголемува за 7,4 отсто, а граѓаните и понатаму ќе можат да ја користат ефтината тарифа во истите период како и досега, потврди денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимоски.

Поскапување на струјата, како што кажа, побарале сите електро-енергетски компании заради проблемите што ги предизвика кризата со коронавирусот Ковид-19. ЕСМ, додаде, има намалување на приходите од продажба на вишоци на електрична енергија од 17 милиони евра, а МЕПСО намалување на приходите од 11 милиони евра.

https://www.facebook.com/MediumskaInformativnaAgencija/videos/771022016772117/?t=1

 

Цената на ЕЛЕМ се зголемува за 10,74 отсто, цената за пренос на МЕПСО за 12,5 проценти, а цената за дистрибуција е зголемена за 2,8 отсто, додека делот на снабдувањето кај ЕВН Хоум е намален за 7,71 процент. Врз цената немаат влијание новите вработувања и опремувања со нов мебел.

-Електрани на Северна Македонија оваа година има драстично и сериозно намалување на продажбата на вишоци на електрична енергија коишто најмногу одеа за извоз и тој пад е од 17 милиони евра. МЕПСО како преносен електро систем оператор од прекуграничните преносни капацитети кои ги доделуваше на аукции има намалување од 11 милиони евра, а исто така соодветно влијание има и промената на потрошувачката пред се намалувањето на потрошувачката кај индустриските и комерцијалните потрошувачи, посочи Бислимоски.

Забелешки за цената, како што посочи, добиле од сите три енергетски компании за кои ја формираат цената, но додаде дека во новата цена има загарантирани приходи за нив. Доколку во целост ги прифатевме нивните забелешки,прецизира, цената на електричната енергија ќе се зголемеше од 22 до 23 отсто.

Тој најави дека РКЕ ќе им предложи на идната Влада и Собрание да го намалат ДДВ-то за електрична енергија од 18 на 5 отсто. Тоа, како што рече, ќе го направат во консултација со Министерството за финансии за да видат како ќе влијае на Буџетот.

-Знам дека со оваа одлука влијаеме врз крајните потрошувачи и тоа од прилика на една просечна потрошувачка од 1.500 денари сметка зголемувањето на месечните трошоци ќе биде за приближно 100 денари. Еден од начините да се надмине оваа ситуација со зголемувањето на цената на електричната енергија е зголемување на субвенциите за ранливите категории на потрошувачи, или, пак, може да се прават и соодветни анализи во однос на ДДВ-то како што се случи минатата година со ДДВ-то на топлинска енергија кое што се намали од 18 на 5 проценти, односно тоа влијаеше и на намалување на цената некаде за 12 проценти, рече Бислимоски.

ЕЛЕМ, според него, се покажал како значаен двигател на македонската енергетика.

-Иако има обврска од Законот за енергетика да обезбеди 75 проценти од потребите на регулираните потрошувачи, ЕЛЕМ и оваа година обезбедува 100 проценти од потребите за сите потрошувачи во државата коишто се на регулираниот пазар. На тој начин немаме потреба за увоз на електрична енергија за регулираниот пазар на електрична енергија и доколку цената на слободниот пазар во овој период е некаде околу 51-52 евра за мегават час, цената по која што ќе продава ЕСМ на регуларниот пазар изнесува 38,4 евра за мегават час што е значително пониско од цената на слободниот пазар, прецизира Бислимоски и изрази надеж дека за ЕСМ во наредниот период ќе се обезбедат услови за продажба на вишоци на електрична енергија.

Влијание врз одлуката за зголемување на цената на електрична енергија, додаде, има и трошокот за обновливи извори кои користат повластени тарифи. -Тие согласно европските регулативи и сето тоа што е имплементирано во нашиот Закон во одлуката влијааат со околу 7,3 проценти врз крајната цена, рече Бислимоски.