Столтенберг го честита првиот роденден на членството на Северна Македонија во НАТО


Илустрација

Белгија – На денешниот министерски состанок за надворешни работи на НАТО, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, го честитал првиот роденден од членството на Северна Македонија во Алијансата, јави дописничката на МИА од Брисел.

-Многу сум горд што во петок го славиме првиот роденден од зачленувањето на Северна Македонија во НАТО и му честитав на министерот за надворешни работи денеска на состанокот, ова е добро за Северна Македонија и добро за сите сојузнички на НАТО, рече Столтенберг.

Тој се заблагодари за придонесот на македонските воени сили во операциите на Алијансата ширум светот и посебно во Авганистан.

-Се сретнав со војници од Северна Македонија во Авганистан, тие секогаш демонстрирале посветеност, храброст и професионалност во работата, рече шефот на Алијансата.

На прашање за коментар околу наводите дека некои официјални лица од Северна Македонија не добиле безбедносен сертификат за НАТО, генералниот секретар одби да коментира, но порача дека процедурите на ветинг во организацијата се строги.

-Процедурите на ветинг се секогаш многу важни за нас, тоа е затоа што е потребно да се осигуриме дека класифицираните документи се третираат правилно, ветинг процедурите се темел за размената на информации, а Северна Македонија е високо вреднуван сојузник, и членството на Северна Македонија е доказ дека вратите на НАТО остануваат отворени, изјави Столтенберг.