Стив Виткоф, пратеникот на Трамп, бара нови начини како да му помогне на Путин
Тој предложи укинување на санкциите за гасоводот „Северен тек 2“ што Трамп ги наметна за време на неговиот прв мандат и олеснување на притисокот врз енергетскиот сектор на Русија

Стив Виткоф, кој преговара за мир во Украина во име на Доналд Трамп и кој вели дека развил пријателски односи со Владимир Путин, бара нови начини да ѝ помогне на Москва. Тој предложи укинување на санкциите за гасоводот „Северен тек 2“ што Трамп ги наметна за време на неговиот прв мандат и генерално олеснување на притисокот врз енергетскиот сектор на Русија.
Виткоф се појави како водечки застапник за укинување на санкциите, изјавија за „Политико“ пет лица запознаени со дискусиите во Белата куќа. Како дел од тие напори, тој му наложи на својот тим да состави список на сите енергетски санкции што САД ѝ ги воведоа на Русија, рекоа двајца од нив. На негова иницијатива, Белата куќа разговара и за укинување на ограничувањата на „Северен тек 2“, чиишто две линии остануваат оперативни по саботажата во септември 2022 година.
Во неговата борба против руското енергетско влијание во Европа, Трамп воведе санкции за „Северен тек 2“, што значително ја забави неговата изградба. Џо Бајден ги укина во 2021 година, но повторно ги наметна откако Русија ја нападна Украина. И Германија поради војната не даде дозвола гасоводот да биде пуштен во употреба. Укинувањето на американските санкции за гасоводот сега нема да има практични последици доколку Европската унија не ја продолжи соработката со „Гаспром“. ЕУ подготвува план за целосно напуштање на руските енергетски ресурси до 2027 година. Сепак, тоа ќе има важно симболично значење за Русија и ќе биде голема отстапка од Трамп, забележува „Политико“.
Во заедничката изјава објавена од Белата куќа, Виткоф и државниот секретар Марко Рубио негираа дека било разговарано за олеснување на санкциите: „Ова е лага. Ниту еден од нас немаше разговори за укинување на санкциите за Русија како дел од мировниот договор со Украина. Ова е едноставно целосно измислен и неодговорен извештај од ‘Политико’, петокласен медиум. Ако имаат некаков новинарски интегритет, тие целосно би ја разоткриле оваа измислица“. измислица“.
Идејата на Виткоф за укинување на енергетските санкции допрва треба да најде поддршка во Белата куќа. На тоа се спротивставија, меѓу другите, Рубио и секретарот за внатрешни работи Даг Бургум, кој исто така претседава со Националниот совет за енергетска доминација на Белата куќа, изјавија извори за „Политико“. Еден од нив рече дека некои од администрацијата веруваат дека Москва го довела Виткоф во заблуда за економските можности што ќе им се отворат на САД доколку ги обноват деловните врски со Русија.
Дополнително, продолжувањето на продажбата на рускиот гас во Европа ќе доведе до пад на цените на континентот и ќе ги погоди американските добавувачи на ЛНГ, кои во голема мера ги заменија испораките на ‘Гаспром’ и градат нови терминали за ЛНГ во очекување на зголемен извоз, вклучително и во Европа. Еден од изворите на „Политико“ го нарече ова сценарио „крвопролевање за американските производители на нафта и гас“:
Во Белата куќа се води внатрешна дебата помеѓу застапниците за енергетска доминација како Бургум, кој сака пазари за американскиот ЛНГ и Виткоф, кој сака поблиски врски со Русија.