Стевчо Јакимовски се извини за вулгарностите на прославата


Јас не ја пеев песната „Постела од рози“ од Куку леле со безобразните зборови, тоа беше приватна забава. Текстот го осудувам, но ги разбирам луѓето кои пееја така затоа што многу страдаа од поранешната општинска власт, порача преку социјалните мрежи Стевчо Јакимовски, новиот градоначаник на општина Карпош. Тој во детали објаснува како се случило познатата македонска песна да се пее со извртени зборови односно: „Како ме е*е, како ме е*е Стевчо Јакимовски, за вас е само к*р громовски“…

„Во официјалниот дел се беше коректно и во рамки на дозволеното. Јас бев на сосем друго место, но бев повикан на прославата која беше приватна, во еден кафе ресторан, каде отидовме заедно со колегата Оливер Зафировски. Имаше млади деца кои, кога почна музиката од песната „Постела од рози“ ја пееја со вулгарната верзија. Јас текстот си го пеам онака како што е во песната, односно „Макар ме лаже, макар ме вози, за неа само постела рози, која инаку е песна што многу ја сакам. Точно е дека не е пријатна содржината и кај обичните граѓани предизвикува непријатно чувство и нас ни е жал што такво нешто излезе во јавноста. Предизвикува вознемираност и јас се извинувам“, рече Јакимовски.

Тој објаснува дека така песната ја пееле неколкумина, секој со своја животна приказна, многу лути на претходната власт.

„Момчето кое пее е едно од 130 луѓе кои во 2017 година беа избркани од општина Карпош. Тогаш неговата сопруга била бремена, после и со дете, само тој знае како преживуваше кога беше без работа особено во ковид кризата. Само тој знае како преживувал кога наоѓал работа во приватни фирми, а луѓе од општината му ја расипувале работата и секогаш бил избркан. Има и друго момче мој соработник, чија сопруга на денот на моето апсење имаше спонтан и го загуби детето. Пеењето е нивниот крик. Јас во тоа време немав сила да им помогнам, секако и немав сила да ги запрам кога пееја. Тие само пеат. Нормално песната е вулгарна, а тие се желни за одмазда, но јас не сум. Ви велам одмазда нема да има, такви работи не ме интересираат и не е добро никому да му се повторат. Ништо повеќе од тоа. Секој што доживеал непријатност со песната го има моето извинување“, изјави Стевчо Јакимовски.

Вели дека на официјалната прослава не ги не обземало триумфализам, ниту „желба за чао“.