Старица (80) од Битола затрупана во ѓубре во сопствениот стан во строгиот центар на градот
Анета Блажевска
Старица од Битола на возраст од 80 години вчера во драматична ситуација била потисната и затрупана од ѓубрето што самата со години наназад го собирала во станот. И повторно ноќта ја поминала во станот.
Старицата со иницијали А.М.Т подолг период живеела сама во сопствениот стан во една од кулите на населбата „Стара Болница“ која се наоѓа во строгиот центар на Битола.
Вчера, најверојатно неможејќи веќе да се движи низ станот од насобраниот отпад, врз неа се срушиле купиштата ѓубре и ја затрупале. Граѓанин, (не знаеме како дознал) се јавил во Противпожарната единица во Битола и побарал помош, старицата да се извади од станот. Во исто време била алармирана и полицијата и Итната помош која ѝ пружила прва помош на старицата. Но, за жал старицата ноќта повторно ја поминала во станот и тоа на самата влезна врата, оти внатре е невозможно да се влезе од ѓубре. На фотографиите што ги доби АПЛА.мк јасно се отсликува во каква ситуација е старицата и како ја поминала ноќта, оставена во ходникот од зградата.
Очекуваме информации од СВР Битола.
Пожарните велат дека старицата ја затекнале потисната со ѓубришта, но свесна.
„Имавме дојава од Итната помош дека мора да интервенираме, да ја извадиме жената од станот. Првично беше кажано дека ја потиснал плакар полн со ѓубре. Но, пративме екипа од четворица пожарникари и таму затекнаа лоша ситуација, станот полн со отпад, влегоа, ја извлекоа жената и на носилки ја слегоа пред зградата. Ја предадовме на Брзата помош и јавивме во СВР Битола да го обезбедат станот. Тоа беше нашиот дел“, потврдува за АПЛА.мк Горан Димковски, командир на Противпожарната единица во Битола.

По интервенцијата на лекарите, жената е вратена во станот, но бидејќи таму е невозможно да се влезе од натрупаното ѓубре, станари потврдуваат дека старицата преноќила на самиот влез од станот. Таа живее сама откако, починала нејзината мајка, велат станарите и дека нема некој поблизок кој се грижи за неа.
„Мора да ѝ се помогне на жената, многу пати пријавуваме до институциите, но ништо не се презеде. Неподнослива реа излегува од станот и неподносливо е. Сега е крајно време да се заштити и згрижи жената“, велат станари од „Стара Болница“ за АПЛА.мк.
Денеска ги контактиравме од Центарот за социјални грижи во Битола од каде ни потврдија дека на терен ќе испратат четворица социјални работници да се утврди состојбата.
„Праќаме екипа во ‘Стара Болница’ да се испита ситуација, зашто досега не сме имале пријава од станарите, па сега треба да се види законски како да се постапи“, изјави за АПЛА.мк Лидија Ѓошевска, директор на Центарот за социјални работи Битола.
Инаку, голема е загрижената на пожарникарите за состојбата во која се наоѓа станот на старицата затрупан со ѓубре од најразлична природа. Командирот на ТПП Димковски предупредува дека институциите што поскоро да ја решат ситуација додека не дошло до потешки последици или не дај боже пожар.