Стареењето на населението го менува европскиот пазар на труд, вештачката интелигенција е можно решение
Стареењето на населението го менува европскиот пазар на труд, а вештачката интелигенција (ВИ) би можела да помогне во ублажување на негативните последици, се наведува во денеска објавеното истражување на Европската централна банка (ЕЦБ).
Во анализата на ЕЦБ се посочува дека во последните години растот на вработеноста и приливот на странски работници ѝ помогнале на европската економија да го ублажи недостигот од работна сила предизвикан од стареењето на населението и да го намали притисокот врз растот на платите и инфлацијата. Банката оценува дека поголемото учество на населението на пазарот на труд досега успевало да ги надомести последиците од стареењето на популацијата и недостигот од работоспособни луѓе во Европа.
ЕЦБ смета дека развојот на вештачката интелигенција и автоматизацијата би можел да ѝ помогне на економијата и делумно да ги ублажи последиците од демографските промени, но предупредува дека сè уште не е јасно колку брзо новите технологии ќе го трансформираат пазарот на труд.
Во извештајот се наведува и дека државите треба повеќе да инвестираат во градинки, флексибилни услови за работа и програми за преквалификација, за да можат повеќе луѓе да останат активни на пазарот.
Образованието и преквалификацијата на работниците ќе бидат клучни за вработените да можат да се приспособат на технолошките промени и придобивките од развојот на ВИ да бидат пошироко распределени низ економијата, наведува банката на својата интернет-страница.
Европската централна банка, исто така, истакнува дека Европа ќе мора да привлече дополнителни квалификувани работници од странство за да го одржи економскиот раст во наредните години.